Каракачанов ликува: Над две третини од Словените во Албанија се Бугари

Поранешниот бугарски вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов со нескриено задоволство ги дочека резултатите од пописот во Албанија, на кој првпат во историјата на западниот сосед на Македонија и во досегашните 11 пребројувања на населението се појавија Бугари, и тоа 7.057, наспроти 2.281 Македонци?!

„Последниот попис во Албанија јасно покажува дека мнозинството луѓе кои Скопје ги нарекува ‘Македонци’ се нарекуваат и се дефинираат како Бугари. И ова се случува и покрај огромниот финансиски и медиумски напад што Македонија го спроведува во последните 30 години на територијата на Албанија, и покрај заканите дека ако не се пријават како Македонци – нема да им биде дозволено да работат и студираат во Македонија. Додека во исто време, бугарската држава, со многу малку исклучоци, не направи речиси ништо за оние луѓе кои се идентификуваат како Бугари во Албанија“, пишува на Фејсбук лидерот на ВМРО-БНД.

„На фонот на овие резултати од пописот, станува јасно колку се неосновани тврдењата на новиот премиер на Република Македонија, Христијан Мицкоски, за некакво ‘македонско малцинство’ во Бугарија и колку без основа се неговите изјави за откажување од договорот од 1 август 2017 година со Бугарија, како и одбивањето на РМ да ги вклучи Бугарите во својот устав“, додава тој.

„Повеќе од две третини од словенското население во Албанија се декларира како Бугари! Овој факт покажува дека, и покрај рамнодушноста на бугарската држава и негрижата на бугарските политичари, бугарскиот дух не може да се убие и дека бугарската свест живее!

Ова ме наведува уште еднаш да ги повикам властите во Бугарија да го свртат вниманието кон проблемите на Бугарите во Македонија, кои владите на Кирил Петков и Денков ги напуштија и ги предадоа на манифестациите на антибугарските власти во Скопје.

Како што гледате, бугарскиот дух постои во Албанија и е жив. Бугарскиот дух е жив и во Македонија – и покрај репресијата и притисокот врз овдешните Бугари од страна на властите во РМ. Штом опстане бугарската самосвест во Албанија, не може да не опстане и во Македонија. Ова е причина за радост и гордост, Бугари“, заклучува Каракачанов.

Пронајдете не на следниве мрежи: