Кина нуди економски многу, а не бара за возврат политички ништо

„Таа (Кина, н.з.) вели, ние не ве условуваме, терајте си политички со устав или систем каков што сакате, меѓутоа ние сме за економска соработка“, вели кандидатката на Левица за претседател на државата

Билјана Ванковска, кандидатка за претседател од „Левица“

Кина е држава која нуди многу во полето на економска соработка, а не бара ништо политички. Западот, од друга страна, сѐ повеќе станува антиинтелектуален.

Ова е оценката на кандидатката на партијата Левица за шефица на државата, Билјана Ванковска, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

„Не дека јас ја глорифицирам Кина и дека тоа треба да биде нашиот модел. Ние си имаме своја политичка култура и традиции кои треба да ги негуваме, меѓутоа да не се занесуваме дека овде се сите среќни. Видете ги Бугарите. Јас не можам ни Грците да ги заборавам од 2015 година“,

вели Ванковска.

Според неа, Европската Унија сѐ повеќе се милитаризира и ги губи, како што вели, идеалите на просветителството.

„Стапуваме во еден мултиполарен свет во кој, како што вели мојот пријател Јан Оберг, баш деновиве имаше јавна поддршка за мене, извонреден мировен истражувач од Шведска, Западот ја губи моралната вертикала, се милитаризира и станува антиинтелектуален. Не во смисла дека е против интелектуалците, туку не дозволува креативно мислење. Секој проблем почнува да го решава со повеќе оружје. Европската Унија е, за жал, инволвирана и во Газа и во Украина, дали под капата на НАТО, дали под капата на ЕУ, јас не знам. Кога Макрон зборува, кој зборува, лидер на НАТО или на ЕУ“,

вели Ванковска во интервјуто.

Таа смета дека Кина нуди одлична економска соработка и не се наметнува врз другите држави барајќи политички промени.

„Кина е многу фер во тој поглед затоа што таа не наметнува. Кина е многу фер кога нуди ‘Појас и пат’ проекти итн. Таа вели, ние не ве условуваме, терајте си политички со устав или систем каков што сакате, меѓутоа ние сме за економска соработка. Она што ми се допаѓа кај Кина, имаат еден брилијантен политиколог Џанг Вејвеј, кој зборува дека не е само избори, туку и селекција – тие имаат еднопартиски систем, меѓутоа за да дојдете до некоја позиција има сито и решето да поминете во смисла на мерит-системот. Значи, поставуваат високи критериуми“,

вели професорката, дополнувајќи оти таква политичка култура сака и во нашата држава.

Ванковска потенцира дека неа ја импресионира тоа што Кинезите одамна престанале да ја напуштаат својата држава и едукацијата од Западот ја пренеле во својата држава, па така од крајно сиромашна држава, станале држава со средна класа и перспектива.

Кандидатката за претседател смета дека Европската Унија не е хомогена и не е кохезивно тело, туку сојуз на држави кои имаат различни политики.

Билјана Ванковска е една од седумтемина кандидати кои на 24 април ќе ја бараат поддршката од граѓаните во првиот круг од претседателските избори. Вториот, пак, ќе се случи истиот ден со парламентарните избори, односно на 8 мај, каде што ќе се пласираат двајцата кандидати со најголем број гласови на 24 април.

Пронајдете не на следниве мрежи: