Коцарев: Македонија и македонството не можат да бидат победени и тоа е нашиот единствен пат за опстојување!

„На крајот од филмот ‘Валтер го брани Сараево’“ германскиот офицер конечно сфаќа зошто никогаш не успеал да го победи својот непријател Валтер. Стоејќи на еден рид, покажува кон Сараево долу и забележува: ‘Го гледате тој град: Тоа е Валтер!’ Ваквиот пристап: Ја гледате државата Македонија, тоа е македонството – е нашиот единствен пат за опстојување.“ – нагласува академик Љупчо Коцарев, член на Македонската академија на науки и уметности, во својата колумна со наслов „Паралели и параболи“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Натаму, покрај другото, Коцарев пишува: Македонските политичари, неуки за геополитичките предизвици и подложни на притисоци, влегоа во црна дупка. Поради тоа за Македонија и Македонците беше преголема цената на независноста, на зачленувањето во НАТО и на делумниот почеток на пристапните преговори со ЕУ. Македонците сѐ уште се во шок и не ги согледуваат последиците од предавањето и продавањето на сè, што е македонско. Македонците се несвесни за повикот на Данте на влезот во Пеколот: „Оставете ја сета надеж вие, кои влегувате тука“.

Тоа што се случуваше во Македонија во последните триесетина години е последица на поткупливите и корумпирани локални власти. Потребата од владеење и управување со државата поттикнува владејачката елита, било во Македонија, на Хаити, во ЕУ или во САД, да практикува властољубие (одржување на власта), ароганција и потиснување и омаловажување на сите добронамерни критики, како и користољубивост. Во Македонија зборот „политичар“ предизвикува разочарување, одвратност, лутина и, пред сѐ, страв. Страв предизвикан од можноста Македонија да се распадне, да исчезне.

Многу политичари го имаат синдромот на стекнато нарушување на личноста. Политичарите со овој синдром имаат некои од следниве, или ги имаат сите карактеристики: самозаљубеност, ароганција, непромисленост, некомпетентност за донесување геостратегиски одлуки и за создавање политики. Тие покажуваат прекумерна самодоверба и го губат контактот со реалноста.

Неразвиеноста на Македонија, која е една од најнеразвиените држави во Европа, и империјализмот на нашите соседи, ЕУ и САД кон Македонија, изразен преку водење хибридни војни, секојдневно влијание врз политиката и економијата на Македонија предизвика македонските политичари да станат безрезевни поддржувачи на сè, што е европско и американско, а до хистерија мразејќи сè што е македонско.

Како понатаму? Владеењето обврзува – предизвиците, со кои се соочува новата влада, се огромни, се чини непремостливи. Меѓутоа, тоа е привид. Кисинџер го советува Никсон за можноста да се прошири глас меѓу државите во светот дека „е опасно да се биде непријател на Америка, но да се биде пријател на Америка е фатално“. Прво што треба да направи новата влада на Република Македонија е раскинување на Договорот со Бугарија: тоа ќе прати порака дека Македонија е суверена држава, а не вазал на друга држава, и дека нејзината влада се грижи за опстојбата на Македонците.

Пронајдете не на следниве мрежи: