Луѓето што ни беа синоним за љубов сега ни се можни непријатели? Последици од задолжителната дистанца преку искуства на родители и експерти

Социјалната дистанца го забавува природниот развој на децата, велат психолозите. Ограничувањето на дружењето само со блиските членови на семејството ги збунува, го забавува нивниот развој, ја ограничува нивната потреба за истражување на светот на нивен начин. Помалите дури и не сфаќаат зошто не можат да се дружат со сите деца или своите другарчиња, ниту зошто не можат да ја бакнат баба си. Дури и може да се прашуваат што лошо направиле што другарчињата не се веќе блиски со нив, зошто не сакаат да се дружат со нив, и тоа може да им внесе страв на долгорочно ниво. Кога сè ќе се врати во ред, можно е децата да не можат да се вратат на исто. Особено кога станува збор за психичка блискост со блиските пријатели и роднини од кои биле одвоени.
Психолозите, исто така, потенцираат дека одењето во училиште е многу поважно од наставата и лекциите, зашто тука на листата на приоритетни придобивки се рутината, дружбата, одговорноста, комуникација со наставниците…
Не игра со деца, се плаши од метеж, грицка нокти…
Социјалната и физичката дистанца изминативе месеци суптилно оставија траги врз сè, па и врз детството. Родителите забележуваат индиректни индикатори во однесувањето кај децата. Секое дете на свој начин ги прима промените, секое на поинаков начин се соочува со нив, но речиси кај секое дете има низа прашања, грижи, стравови…
– Јана веќе не си игра со деца. Претпочита да игра дома, сама со своите играчки. А сè почесто ме бара и мене, да сум до неа, да играме заедно. Ако порано со нетрпение чекаше да ги облечеме патиките и да трчаме во парк со другите деца, сега се случува спротивното. Не сака надвор, не сака луѓе – вели нејзината мајка Катерина.
Матеј (4 години) си ги заборавил другарчињата од градинка. Не се сеќава на нивните имиња, а кога ќе се сретнат, не реагира на нив. Ниту, пак, сака да се врати во градинка. Ева плаче кога ќе ѝ се приближи некое дете, не ги дели играчките, ниту пак сака да се меша со деца. Симон не сака метеж, му смета бучава, се плаши од гласна музика и врева, што не било проблем претходно. Тина почна да ги гризе ноктите…


Ова се дел од искуствата што ни ги споделија родителите…
Психолозите велат дека не е во ред да ги чувствуваме како закана луѓето околу нас.
– Тековниот термин што во моментов се обидува да го означи општествено одговорното однесување со кое се штитиме од другите и ги заштитуваме другите од нас, херојството во 21 век е самоизолацијата. Ваквото однесување достигнува ранг на херојство за сите што го почитуваат. Од каде потекнува терминот социјална дистанца ако физичката заштита е приоритет, дали се поврзани? Дали е и колку е реално во модерното време во кое живееме така лесно да се заштитиме? Ако е така, тогаш е охрабрувачко. Дали има некакви последици или сè ќе биде поинаку – останува да видиме. Но ова не е така едноставно. Пред сè, не е пријатно, иако можеби е природно, но не е социјално и очекувано ние да се чувствуваме како закана за другите лица, ниту да бегаме од другите, од воздишки, кашлање, присуство. А тоа е однесувањето кое, за жал, им го пренесовме на нашите деца. Дека присуството на оние што ни се најблиски и блиските контакти кои до вчера беа синоним за љубов, топлина, блискост да станат наш најголем непријател – вели психологот Софија Георгиевска.
Дали светот сега е опасно место?


Таа додава дека зад нас е бурен и многу исцрпувачки период, а експертите се согласуваат дека остави или ќе остави последици врз сите нас.
– Ова е напад врз менталното здравје и врз сите нас. Здравјето и менталното здравје се неразделно поврзани. Во сите кризи се обединуваме, поддржуваме, а сега моравме да најдеме начини да се поддржуваме едни со други и да бидеме на физичко растојание.
Изолацијата и самоизолацијата го „парализираа нормалниот живот“. Наставниците и родителите кои во моментот ги разгледуваат своите опции кога станува збор за повторното отворање на училиштата среде смртоносна пандемија може да имаат уште еден дополнителен предизвик: децата што се плашат да се вратат на училиште. Како и на сите други, така и на децата шест месеци им беа давани инструкции да остануваат внатре, да ги мијат рацете и да носат маска. За некои деца, ограничувањата, она што го слушнале во вестите и сопственото лично искуство со Ковид-19, направија да го чувствуваат надворешниот свет како опасно место.
Но, стравот од соочување со вирусот и неможноста правилно да се дистанцираат надвор задржа многу семејства во домовите подолго време, со тоа што некои деца сè повеќе и повеќе се плашат од надворешниот свет. А што е со одењето во градинка/училиште?
Така можеме да очекуваме различни реакции од децата. Дел можеби ќе бидат возбудени да се вратат на училиште и да ги видат своите пријатели и да се вратат во таа средина. Но, за другите, особено за оние што веќе се борат со анксиозност, изолираност и приврзаност за членовите од семејството поради претерана грижа, преминот назад ќе биде тежок – категорична е Софија.
Сега родителите и наставниците ќе бидат најважните актери – а тоа е учење нова рутина, нов начин на живот кој ќе дозволи интеракција, но во граници на дозволеното. Но, прашањето е дали некој знае каде е таа граница, како да се почитува и што ако се премине.
– Остануваат многу дилеми и прашања кои ќе бидат неодговорени до почетокот на годината. Сепак, децата се сунѓери кои шест месеци впиваа една нова нормалност, нови граници, а сега треба да ги рушат – додава психологот.


Надминување со игра
Ивана Драговиќ, докторанд на Институтот за социологија и координатор на студиски програми при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, исто така се согласува дека затворањето на училиштата и градинките целосно го смени секојдневието на децата, но и на родителите. Будењето рано наутро, подготовките, редовните оброци, едукацијата и игрите, социјалниот живот со другите деца – едноставно се изгубени.
– Оваа слика не е јасна за децата. Социјалната дистанца всушност е намалена интеракција помеѓу луѓето. Со неа се ограничуваат близината и личниот контакт. Секако, родителите се тие што им објаснуваат кое е значењето на овој вирус, кој донесе голем број глобални промени. Тие се трудат секојдневно да одговорат на често поставуваните прашања од страна на нивните деца и поедноставно да објаснат што е она што се случува околу нив, зошто немаат можност да одат во градинка или училиште и зошто не можат да бидат секојдневно со своите врсници како што го правеле тоа претходно. За жал, нештата не се секогаш онакви какви што сме замислувале или посакувале. Доколку во домот постојано се чувствува напнатост, страв и анксиозност, тоа лесно се пренесува на децата, кои потоа истото го манифестираат и ќе имаат тешкотии во справувањето со овој проблем – вели социологот Ивана.
Целата состојба може да се надмине преку различни игри, читање книги, сликовници, домашна едукација, прошетка во природа, па дури и барање стручна помош.
Кај социолозите адаптацијата е најважен термин
– Врските и одржувањето контакт помагаат за одржување и јакнење на менталното здравје. Едноставно, доволно е само да се слушне гласот на своето другарче. Исто така, од големо значење е одржувањето контакт и со своите блиски роднини. Ова може да помогне децата да споделат како го поминале денот и да раскажат нешто ново.
Промените ги чувствуваат и тинејџерите. На таа возраст нивното секојдневие се сведува на училиштето и секојдневните дружби со своите пријатели. Наглото дистанцирање и неможноста да имаат физички контакт направија тие да се чувствуваат лошо и невообичаено. Она што може да се примени за да си помогнат сами на себе е исто така постојаното комуницирање со пријателите, дружба со физички контакт, но секако со почитување на дадените мерки, пронаоѓање хоби, спортски активности на отворено, читање книги, едукација, споделување на проблемите и тешкотиите со своите родители – објаснува таа.
Оваа состојба на пандемија, односно на социјална и физичка изолираност, ќе донесе големи последици во секојдневието, се надоврзува таа.
– Кај децата од предучилишна возраст можат да се појават тешкотии во придржувањето на физичката дистанца и носењето маски. Во однос на малку постарите деца, со заемна помош од страна на наставниците и родителите ќе можат да се соочат со овој, кој јас би го нарекла „предизвик“. Секако, родителите мора да бидат подготвени на тоа дека децата ќе се соочат со едно „ново нормално“ време и постојано ќе бараат одговори на прашања кои за нив се нејасни. Кај социолозите, адаптацијата е еден од најзначајните термини. Со секаков вид адаптација сме се соочувале во минатото и во иднина допрва ќе се соочуваме. Животот носи предизвици, непредвидливи моменти, убави и неубави случувања. Сите мора да се навикнеме дека денес, за жал, ова е реалноста што го зафати целиот свет. Мора да се приспособиме на новиот момент и на сите случувања кои ни ги носи. Ова е реалност што е непосакувана за никого, тешка за сите, особено за родителите и децата, но и во вакво време воспитниот процес не смее да запре – додава Драговиќ.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.