Од септември, училиштата ќе работат со нови електронски дневници

Министерството за образование и наука со финансиска поддршка од ИПА фондовите на Европската унија изработи нов интегриран систем за електронска работа на училиштата, кој вклучува и нов електронски дневник, што официјално ќе се примени во текот на новата учебна 2024-2025 година, откако претходно ќе го помине тест периодот во неколку основни и средни училишта.

Првичните проверки се веќе спроведени во координација на Министерството за образование и наука со Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат, Државниот испитен центар и со наставници од училиштата. Организирани се и обуки за ИТ администратори во училиштата каде електронскиот дневник ќе пилотира и интегрирање на евентуални нови сугестии.

Откако целосно ќе заврши фазата на тестирање, ќе следи процес на мигрирање на податоци од сегашниот во новиот електронски дневник, но и внесување на дополнителни податоци во софтверот од страна на училиштата. Предвидено е да се организираат обуки за користење за сите наставници.

Новото софтверско решение ќе ги надмине предизвиците со кои наставниците, администраторите, родителите/старателите и самите ученици ги посочуваа во изминатиот период, бидејќи сите нивни сугестии се земени предвид во процесот на креирање на системот.

Пронајдете не на следниве мрежи: