Рустеми му врати на Николоски: Тврдењата се со политичка позадина, на располагање сме на институциите за проверки и ревизии

„Јавноста е запознаена дека во изминатиот период ЈПДП има реализирано рекордно ниво на капитални инвестиции во патната инфраструктура, со цел за подобрување на патната мрежа, на автопатското поврзување, на одржување и унапредување за безбедно одвивање на сообраќајот низ целата држава“, вели директорот на ЈПДП
Неточни и неосновани со впечатлива политичка заднина се тврдењата кои вчера ги изнесе министерот за транспорт Александар Николоски во врска со извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за наводни нерегуларности во работењето на Јавното претпријатие за државни патишта.
Ова е денешната реакција на Ејуп Рустеми, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта на вчерашната изјава на министерот за транспорт Николовски, кој го повика државниот јавен обвинител и Јавното обвинителство да поведат постапка по ревизијата на ДЗР и да ја преиспитаат работата на Јавното претпријатие „Македонски железници – инфраструктура“ и Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).

Според извештајот на ДЗР, за третата фаза од пругата кон Бугарија, како што вели Николоски, вредноста е зголемена за 220 милиони евра, односно на 560 милиони евра, наместо на првично планираните 340 милиони евра, што значи дека, според него, почната е тендерска постапка во крајно нетранспарентен процес, пред избори и во услови кога, како што рече, сите знаеја дека ќе има промени на власта во државата.
Инаку, за третата железничка делница, од Крива Паланка до границата со Бугарија, ревизијата покажала дека бидејќи фазата на планирање и подготвување на проектот трае предолго, постои голем ризик од губење на грант-средствата на ИПА во износ од 60 775 милиони евра, како и идни фискални импликации поради што ќе треба да се обезбедат дополнителни средства од буџетот на државата.

Рустеми рече дека тој како директор и претпријатието стојат на располагање на сите надлежни институции за секаков вид проверки и ревизии на нивното работење, како што рече, за уште еднаш да се потврди законското работење преку реализација на Годишните програми за работа, зашто, според него, сведочат и резултатите на претпријатието.
Според него, минатата година започна со реализација и најголемиот инфраструктурен проект во историјата на современата македонска држава, како европските Коридор 8 и Коридор 10-д.

Во сите реализирани проекти, како што вели, од страна на ЈПДП и менаџментот, испочитувани се сите законски процедури, за кои, според него, има и соодветна документација.

„Проект за изградба на автопат, патна делница Кичево-Охрид. Вредноста на договорот е зголемена со Закон за изменување и дополнување на Законот за реализација и инфраструктурните проекти, за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево – Охрид, објавен во ‘Службен весник’ бр. 208 од 14.11.2018 година. Проект втора делница ТЕН-Т проект за автопат од Скопје до граница Косово, проценетата вредност од 112 милиони евра е зголемена на 198 милиони евра од страна на независна техничка консултантска куќа – Аткинс, ангажирана од ЕБОР, во соработка со проектантот Конзорциумот ‘Хил интернешнл‘, избран преку ИПФ 7 со грант од Европска комисија. При изборот на консултантската куќа и проектантот, ЈПДП немал и не може да има никакво влијание“,

рече Рустеми.
Николовски го повика Обвинителството: Пругата Крива Паланка-Бугарија завршува со тунел што нема крај, а еден нејзин километар чини 24 милиони евра

За Проект во ИПА II – Изградба на патна делница Градско – Дреново, Рустеми вели дека во ИПА-оперативната структура Министерство за финансии – ЦФЦД ги има обврските на „Договорен орган”, додека Министерството за транспорт и врски е „корисник”, а Јавното претпријатие за државни патишта е „краен корисник”.

„Улогите и одговорностите на трите ентитети се регулирани со Оперативен договор за секторската оперативна програма за транспорт 2014–2020, каде ЦФЦД ја има одговорноста за спроведување на тендерските постапки, склучување на договори и вршење на исплати за активности финансирани од ЕУ. Јавното претпријатие за државни патишта како ‘краен корисник’ ги презема и ги има извршено навремено сите обврски од технички аспект за кои е надлежна според Оперативниот договор“,

рече тој.
Рустеми апелира да не се изнесуваат невистини и шпекулации во јавноста поврзани со работењето на ЈПДП и неговиот менаџмент, затоа што ваквите невистини штетат на угледот на самото претпријатие, на раководните лица и на сите вработени.

Николоски вчера ги повика меѓународните кредитори, кои овозможуваат средства за овој проект, како и оние што даваат грантови, заеднички да седнат и да разговараат дали ова, како што рече, е соодветен начин и дали вреди на овој начин да се трошат народните пари.

Пронајдете не на следниве мрежи: