Скопје бара решенија за проблемите со Бугарија, Софија повикува на дијалог, а Берлин не се откажува од старт на преговорите

Премиерот Зоран Заев најави дека земјава ќе продолжи да нуди решенија за надминување на проблемите со Бугарија со крајна цел старт на преговорите за членство со ЕУ, додека неговиот бугарски колега Бојко Борисов порача дека треба да бидеме чесни едни кон други и решението да го најдеме во дијалог и разбирање. Германија, пак, како актуелен претседавач со ЕУ, не се откажува одржувањето на првата меѓувалдина конференција со земјава до крајот на годинава и на дневниот ред на утрешниот амбасадорски состснаок во Брисел ги стави и заклучоците за проширувањето на Унијата, вклучително и за Северна Македонија.
Премиерот Заев вчера при отчетот за 100 дена од формирањето на неговиот Кабинет соопшти дека Владата постојано дава и ќе продолжиме да дава идеји се додека не бидат надминати проблемите и пречките кои од страна на Бугарија се испоставија за нашата европска интеграција.
– Тука е и акциониот план кој треба да биде дополнителна мотивација за поефикасна и побрза имплементација на Договорот со Бугарија. Овде беа изразени уште еднаш дополнително нашите ставови, како што е долгото и краткото име, немањето територијални претензии, немешање во внатрешните работи, начините на кои ќе се справуваме со предизвиците за сопирање на омразата која е присутна од двете страни на границата и сл. Се работи за идеи кои постојано се на маса и верувам дека ќе бидат разрешница, рече Заев, нагласувајќи дека разговорите со Бугарија мора да продолжат час поскоро.
Тој додаде дека акциониот план опфаќа многу повеќе работи, не само инфраструктурата на Коридорот 8, туку и граничните премини, и образованието, и културата и младите и спортот, и здравството и сите други области на коишто можеме да ја унапредиме соработката.
– Оваа Влада, ниту нашата држава, ниту нашиот народ немаме ни најмала вина за оваа ситуација. Ние застанавме цврсто на ставот дека македонскиот национален идентитет едноставно е невозможно да биде предмет на преговори, дека ние не можеме и никогаш нема да се откажеме од нашето право на самоопределување кое е гарантирано со Повелбата на ОН и со сите други меѓунадорни договори и конвезнции кои ги има потпишано дури и Република Бугарија. Се надеваме дека штетата што е предизвикана од ова неоправдано вето за европските интергации на регионот и за европските вредности ќе се надомести бргу, рече Заев.
На идентитетските прашања во интревју за „ЕУ Обесервер” се осврна и претседателот Стево Пендаровски, кој нагласи дека основа на нашиот идентитет е нашиот јазик, додавајќи дека дека за јазикот и идентитетот не може да се дискутира, додека пак првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи помеѓу заедниците Артан Груби при отчетот на 100 дена Влада порача дека во ниту еден момент со Бугарија не се разговара за јазични и идентитетски прашања.
Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, пак, порача дека принципиелната позиција на државата е и во стратешката определба кон ЕУ, но и во цврстиот став за тоа кои сме и што сме, како сплет на две целосно компатибилни тези.
– Неколку пати досега кажав дека ние немаме намера да креваме раце и да бегаме. Браниме кристално чисти вредности, вредности на кои се изградени темелите на самата ЕУ и во овој дух и со оваа енергија ќе продолжиме да бараме решение со соседна Бугарија, што е можно само низ призмата на заемна почит, рече Димитров.
За ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа, вината за бугарското вето се должи на „лошите политики на Владата”.
– Заев и Димитров се тандемот кој ветуваа европска иднина. Распродадоа се што можеше да се распродаде овие четири години од гордоста и она малку што остана сакаат и тргуваат со него, а всушност гледаме дека не доведоа до ќорсокак. За ова мора да се понесе одговорност, изјави вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најавувајќи дека партијата во Собранието ќе поднесе на интерпелација за вицепремиерот Димитров.
На Фејсбук, вчера се огласи и бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој оцени дека треба да бидеме чесни едни кон други и да го бараме решението во дијалог и разбирање, порачувајќи дека како пријатели треба да бидеме искрени едни со други.


– Така ќе одиме напред. Ако се инаетиме, проблемите ќе останат. Решението е дијалог, солидарност, разбирање. За едно подобро утре! Ние сме подготвени да помогнеме. Истото сакаме да го видиме и кај нашите соседи и пријатели, наведе Борисов во објавата.
Германскиот министер за Европа Михаел Рот во авторски текст за весникот „Велт” оцени дека Софија не може да го држи во заложништво проширувањето на Европската унија.
– Албанија и Северна Македонија, на својот пат кон ЕУ постигнаа многу, исполнија една амбициозна реформска агенда и не дозволија да бидат сопрени од разни пречки. Со решавањето на спорот за името со Грција, Северна Македонија испиша историја во вистинската смисла на зборот. Оттука зеленото светло за почеток на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија беше вистинскиот и потребниот чекор. Сега мора во најкус рок да се одржат меѓувладините конференции со двете земји, откако ќе се исполнат условите. Германија силно се заложи за тоа во рамките на своето претседавање со ЕУ, пишува Рот.
Тој порачува дека „ЕУ мора да си го исполни ветеното и да испорача” и дека Бугарија не може да ги наметнува своите билатерални барања на европско ниво. – Пристапниот процес не смее да се одложува во недоглед затоа што една единствена ЕУ членка од него прави заложник на сопствените билатерални барања, смета Рот.
Во тој контекст, германското претседателство утре ќе се обиде да бидат усвоени заклучоците за проширувањето на ЕУ, вклучително и за Северна Македонија.  Советот на ЕУ, на дневен ред на утрешниот амбасадорски состанок се ставени заклучоците за проширувањето, кои беа отстранети минатата недела поради блокадата на Бугарија за преговорите со Северна Македонија.
Иако германското претседателство ги враќа заклучоците за проширувањето на дневен ред, во овој момент не е познат каков компромис ќе предложи, но извесно е дека Германија подготвува нови заклучоци. Главната информација што циркулира веќе две седмици во дипломатските кругови во Брисел е дека се бара компромис околу формулација поврзана со „погрешна интерпретација на историјата”.
Додека претседателството на ЕУ смета дека оваа реченица треба да биде сместена во уводот за сите земји од регионот, Софија, според дипломатски извори, сака таа да биде вметната специфично за Северна Македонија.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.