Србија ја нарече „скандалозна“ пресудата за убиството на Оливер Ивановиќ

Српската Влада ја нарече скандалозна пресудата на Основниот суд во Приштина против четворица државјани од српска националност за учество во криминалната група која го организираше убиството на Оливер Ивановиќ.

„Денешната скандалозна пресуда против четврица Срби, која судството на Курти на секој можен начин се обидува да ја поврзе со убиството на Оливер Ивановиќ, е политички мотивирана и инструирана“, се вели во соопштението на Српската Влада.

Се додава дека пресудата е донесена „без конкретни докази, под значително политичко и медиумско политиканство од Приштина“, и дека „Србите беа осудени уште пред самиот судски процес, а обвинението било трипати менувано во текот на самото судење“.

Судот во Косово на 28 јуни осуди четири лица на затворски казни за соучесништво во атентатот во 2018 година на етничкиот српски политичар Оливер Ивановиќ.

64 годишниот Ивановиќ беше убиен на 16 јануари 2018 година, со четири истрели во грбот при пристигнувањето во неговата партиска канцеларија во северниот дел на Митровица, град поделен меѓу мнозинските етнички Албанци во Косово и малцинските Срби, кои доминираат во северниот дел на градот.

Ивановиќ стана познат како релативно умерен за дијалог и компромис меѓу етничките Срби и Албанци откако Косово прогласи независност од Србија во 2008 година.

Основниот суд во Приштина ги осуди жителите на Северна Митровица Марко Росиќ на 10 години затвор, поранешниот полицаец Неделко Спасојевиќ на 4 и пол години затвор а двајцата други поранешни полицајци, Драгиша Марковиќ и Жарко Ивановиќ, беа осудени на по четири години затвор за злоупотреба на службената положба.

Пронајдете не на следниве мрежи: