ЦГК: Во црвена зона за корупција се 4 министерства и 43 општини

Четири министерства, кои ги трошат најголемиот дел од парите на граѓаните преку јавни набавки имаат ниско ниво на заштита од корупција, покажа најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации. Најизложени на коруптивни дејства е Министерството за образование и наука, а по него следуваат МВР, Министерството за животна средина и Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците. Дури 57 отсто од тендерите, во вредност од 93 милиони евра, ги реализираат токму овие четири министерства. Во исто време, истражувањето покажува дека ниту една државна институција нема силна заштита од корупција при спроведување на јавни набавки.

Најмал број на фирми – понудувачи на јвните набавки има кај Министерството за финансии, а во црвената зона се уште и владината Служба за општи и заеднички работи, Министерството за информатичко оптество и администрација, МВР, Министрерствата за надворешни работи, за политички систем, за економија, за правда и Генералниот секретаријат на Владата. Во исто време, Финансии е институцијата која реализирала најмногу тендери со само една понуда, а не заостануваат многу и претходно споменатите министерства и институции. Министерството за одбрана и Министерството за земјоделство имаат најдобри антикорупциските перформанси. Уште поалармантна е состојбата кај општините. Повеќе од половина се слаби во антикорупциските механизми. Негативната листа ја предводат Кратово, Гостивар, Арачиново и Студеничани. Дел од нив воопшто немаат вработени кои се обучени да извршуваат јавни набавки. Трите општини со најдобри антикорупциски перформанси се Кавадарци, Пробиштип и Велес.

Повеќе од 1 милијарда евра годишно се трошат на јавни набавки. Токму оваа сума е извор на корупција, а за нејзино намалување се потребни дополнителни напори, како на системско, така и на институционално ниво, сметаат од Центарот за граѓански комуникации. Според Факиќ, истражувањето се појавува во вистински момент, кога е избрана нова влада, која може да ги искористи овие податоци и да ги подобри перформансите на своите институции.

Пронајдете не на следниве мрежи: