Што си вака грозна денес?!“ – луѓе со голема токсичност

Замислете си ја следната ситуација: поради одредени причини и многуте проблеми со кои се соочува секој од нас, вие одвај стигнувате на работа, нервозни, напнати, прилично несредени.
И личноста која е најблиску до вас, со која поминувате секој ден по 8 часа заедно, наместо да ве праша како сте со оглед на ситуацијата која е евидентна, да ви понуди помош и поддршка, таа рафално изјавува: „Леле, види се каква си! Ненаспана, несредена… што си вака грозна денес?! Имаш нешто на лицето, знаеш?“
Да, секако дека знаеш. Имаш огледало дома, секако дека си се погледнала пред да излезеш. Сè што ти е потребно во моментот е некој да те сослуша или да ти свари едно кафе. Наместо тоа се истакнуваат сите твои маани на денот, терајќи те да се чувствуваш уште помизерно во душата.
Ваквите луѓе како колешката се дел од нашето секојдневие, толку присутни и претопени во него што не може да помине ден без нив и нивната „искреност“. Таа искреност впрочем ретко кога потекнува од благородна намера. Најчесто симболизира зајадливост, сарказам, лицемерие, чиста кондензирана доза на токсичност.


Ваквите луѓе сметаат дека доколку целото внимание ви го насочат на вас и вашите маани и проблеми поубаво ќе се чувствуваат самите со себе. Истакнувајќи ги вашите недостатоци тие грчевито се обидуваат да ги скријат сопствените.
На некој начин сакаат да ве претркаат со несоодветни коментари, од страв дека вие први ќе им преречете нешто поврзано со нив, нивниот надворешен изглед…
Секако дека на добро воспитаните луѓе не им текнува да коментираат работи поврзани со нечиј надворешен изглед или приватниот живот. Тие не се чувствуваат повикани да истакнуваат очигледни работи кои не треба да се коментираат, како нечии недостатоци, надворешен изглед, телесна тежина, брачна или финансиска состојба, фактот дали имате или немате деца, дали планирате второ, трето, петто…
Прашањето е – зошто вие токсичните луѓе го правите токму тоа? Зошто на личноста која се бори со акни ѝ предочувате дека лицето ѝ е тотален хаос… „леле, како живееш со таква кожа?“
Зошто на личноста која штотуку раскинала долгогодишна врска ѝ додавате сол на раната кажувајќи неумесни коментари од типот: „ти сигурно сега ќе си најдеш одма друг, веднаш ќе се омажиш и ќе родиш за нецела година дена, обично е така… во таквите бракови нема многу љубов, да знаеш…“.
Зошто на жената која се бори со неплодност упорно и неповикано ѝ поставувате прашања поврзани со нејзината матка, јајници и спермограмот на партнерот? Зошто пријателката која не сте ја виделе со години прво не ја прашате „Како си, дали си добро?“, наместо „леле, ама си се здебелила!!!“ со израз на шок и гадење.
Зошто упорно им се вртите на слабите девојки и жени нарекувајќи ги костури, сучки, стапови за чукање ореви и се интересирате што јадат, дали јадат нешто и дали живеат на вода и воздух?
Сите тие луѓе живеат. Ама вие очигледно преживувате на кафе и злоба. Вашата токсичност е алармантна, загрижувачка. Под превезот на искреноста и немањето „влакна на јазикот“ вие криете злоба.
И најчесто коментирате додека никој не ве прашува за мислење. „Леле, какво ви е по дома, имате абер да реновирате? Знаеш, убаво е кога ќе си средиш, ново, чисто… леле, што ти текна да ја смениш бојата на косата, не ми се свиѓаш баш, те прави постара… леле, чевливе некако не ти одат со чантата… саатов ти е многу скап… саатов ти е многу евтин… не, јас само сакам да си кажам мислење…“
Леле! Крајно време е да замолчите. Ако некој ве праша за мислење тогаш кажете го. Дури и тогаш треба да внимавате на начинот на којшто го искажувате, на тонот и гримасите.
Во спротивно немојте да се чудите зошто луѓето ве избегнуваат за дружба. Тие веќе сфатиле дека единствениот начин да победат во вашата подмолна, токсична игра е воопшто да не ја играат.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.