Битката кај Карбуница

Една е од најголемите и најжестоки борби во целото Илинденско востание била борбата на 4 август 1903 година во селото Карбуница, Долна Копачка. Селото го бранел востанички одред од околу 200 востаници, предводени од војводата Арсо Мицков.

Околу 8 часот наутро еден баталјон редовна војска од 800 души и башибозукот од околните албански села го нападнале селото Карбуница.
По четвртиот обид, османлиската војска успеала, околу 12 часот да го заземе селото. Востаниците се повлекле на порано подготвените позиции кај месноста Ѓурѓевица, каде што продолжиле борбите. Во меѓувреме, на позициите кај Ѓурѓевица, пристигнале уште 350 востаници од Горна и од Долна Копачка, кои се вклучиле во борбата. Откако ја проценил состојбата, војводата Мицков преку курир испратил повик за помош до демирхисарските раководители.

Демирхисарската реонска чета, засилена со селани, предводена од војводите Јордан Пиперката и од Димитар Дечев, со околу 150 востаници, веднаш пристигнала и тоа во моментот кога на противникот му стигнала помош од кичевскиот гарнизон и одморни толпи албански башибозук на чело со прочуениот злосторник Сефер од Зајас.

По доаѓањето османската војска веднаш започнала со нападите. Набргу по кусите престрелки, борбата продолжила гради в гради. Пушките биле врлени настрана, а само ножови блескале додека се бореле гради во гради турската војска и башибозукот против македонските востаници. Од сите страни се слушале пискотници и извици. Македонските востаници иако неискусни во блиска борба покажале невидена храброст. Во моментот кога изгледало дека противникот ја презел иницијативата, еден демирхисарски востаник со истрел од пушка го погодил Сефер и го убил. Убиството на Сефер бил пресуден за  исходот на бојот.

Востаниците ја искористиле збунетоста кај непријателот и уште посилно навалиле. Противникот се дал во бегство. Во таа дванаестчасовна борба македонските востаници учествувале со 700 души, при што имале 30 мртви и ранети, а турската војска и албанскиот башибозук ангажирале 1.500 души од кои загинале и ранети имало 120 души. По борбата војската се повлекла во Кичево, а башибозукот се скрил по шумите.

За таа што се случило во Карбуница народот испеал и песна:

Не оди Сефер село Карбуница
Нели ти реков, седи не оди, седи не оди, село Карбуница? Бре Сефер, аго бре, бре, клето Турче, бре. Бре Сефер, аго бре,бре клети арамија.
Не оди Сефер село Карбуница, село Карбуница горе Ѓурѓевица. Бре Сефер, аго бре, бре, клето Турче, бре. Бре Сефер, аго бре, бре клети арамија.
Таму ми те чекат славните комити, славните комити, се одбор јунаци. Бре Сефер, аго бре, бре, клето Турче, бре. Бре Сефер, аго бре, бре клети арамија.
Тебе ќе фатат, глава ќе ти сечат, глава ќе ти сечат, глава арамиска. Бре Сефер, аго бре, бре, клето Турче, бре. Бре Сефер, аго бре, бре клети арамија.
Ќе ти пресечат глава до рамена, глава до рамена, нозе до колена. Бре Сефер, аго бре, бре, клето Турче, бре. Бре Сефер, аго бре, бре клети арамија.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.