Бугарската служба шпионирала за Москва, Советите проследувале до УДБА

 Бугарското разузнавање во Македонија ретко се споменува, речиси никој сериозно не го проучувал од политичко- социолошки аспект, освен неколку студии на Факултетот за безбедност на Македонија, кои се занимаваат претежно со секторот за самозаштита и реагирање.Разузнавачите од Бугарија никогаш не биле на некоја голема цена во Македонија, народот со нив не контактирал, а оние од старото ВМРО, со наклонетост кон „мајка Б’лгарија“, по лошите искуства со нив во последниве седумдесетина години, направо ги презираат и одбегнуваат на секој можен начин. Македонските медиуми повремено го крштаваат Красимир Каракачанов како антимакедонец и некаков бивш или актуелен разузнавач, но неговото антимакедонство, „ако го има“, е предмет на посебна анализа, а за разузнавањето не вреди ни да се разговара. Тоа било и е смешна епизода на неговото минато, а богами и сегашност. Бугарските служби добро ја проучиле историјата, ги следат современите собитија во медиумите и разумните меѓу нив влечат определени заклучоци. Знаат дека на оваа територија отсекогаш се бореле некои други големи служби, а Бугарите само вршеле слугински работи на една, единствена странска служба.
Егзархијата ги собирала информациите
Историски гледано, бугарското разузнавање во Македонија почнува со формирањето на Егзархијата. Многуте Македонци во Цариград не сакаат да се Грци-патријаршисти, веднаш се приклонуваат кон акцијата и формирањето на Егзархијата, која ја чувствуваат за своја и веднаш ги ставаат своите сили и сознанија на располагање на егзархот – прво на Иларион Макариополски, потоа на Антим Први и, конечно, на најсилниот – егзарх Јосиф. Тие, бавчанџии, колари, коњушари, соколари кај султанот, млекари, бурекџии, касапи и слични професии, носат неверојатни податоци до централата на Егзархијата, а егзархот има сознанија, адути во рацете, во неговите преговори со султанот, со Грчката патријаршија и со рускиот претставник Граф Игнатиев. Податоци носат сите, од сите краишта што ги опфаќа Егзархијата, но од Македонија носат само оние што се чувствуваат како македонски Бугари. Податоците ги обработувала аналитиката, за почеток олицетворена од семоќниот егзархискиот секретар, прилепчанецот Методи Кусевич, подоцнежен митрополит Старозагорски.
Во 1878 година се формира вазалното Кнежество Бугарија, а Македонија останува под турска власт. Бугарија како вазална држава нема право на свои дипломатски претставништва на турска територија, па работата ја вршат таканаречените трговски агенти, кои истовремено и се занимаваат со разузнавачка дејност, но повеќе како  резиденти на актуелната агентура. Трговските агенти се сместени во Скопје, Солун и во Битола, а повремено и на други места. Нивните дописки се точни, јасни, конкретни и секогаш разбирливи за темата за која пишуваат.
Ситуацијата се менува во 1896 година. Тогаш еден од основачите на ВМРО, Ѓорче Петров, за потребите на бугарската воена разузнавачка служба, прво ја пишува, а нешто подоцна ја објавува книгата „Материјали по изучувањето на Македонија“, која всушност е разузнавачки картографски материја за потребите бугарската армија, каде што се вцртани сите тогашни патишта, турски пунктови, шуми, извори на вода, дневна и ноќна клима, како и детали од етнологијата на македонското население. Тогашниот воен министер на Бугарија, генералот Рачо Петров, е воодушевен од разузнавачките способности на Ѓорче Петров и му предлага стипендија да студира картографија во странство. Петров одбива, но до крајот остануваат пријателски приврзени и сплотени во борбата за слободна Македонија.
Во септември 1908 година Бугарија станува самостојна, суверена држава и веднаш ги насочува своите средства и разузнавачи кон териториите на Егејот, кон Вардарска Македонија и нешто малку кон западните покраини, т.е. источна Србија. Никој не знае како се оценети резултатите на работењето на бугарските разузнавачи. Судејќи по ефектот на двете балкански војни, тие се никакви.
Првата светска војна е разузнавачка лекција на бугарската агентура кон сите други. Главниот штаб, поучен од претходните неуспеси, за началник на бугарското разузнавање на групата Западни армии, која ја држи територијата од Ѓердап до Корча, го именува Тодор Александров, сесилниот и неприкосновен вожд на ВМРО. Тој ја реорганизира службата, воведува железна дисциплина, ги активира разузнавачите на ВМРО од минатиот период и цврсто владее со територијата. Треба да се прочитаат неговите „Писма од Дебар“, па да се види што сж знаел и колку знаел Тодор Александров. Бугарија паѓа во септември 1918 година по пробојот на Англофранцузите на Добро Поле, војната е загубена, но Александров ја повлекува целата агентура неповредена со зачувани сознанија. Резидентите остануваат во своите домови неоткриени, па сите тие ќе му служат сж до неговата смрт на 31 август 1924 година за подоцна речиси сите да преминат на страната на Иван Михајлов.
Смртта на Т. Александров не менува ништо. Ако тој беше големиот организатор, Ванчо Михајлов се покажа како големиот конспиратор.
Навлегување на НКВД
Изгубените војни, Втората балканска и Првата светска, дејствуваа уништувачки на бугарскиот национален дух… тој период самите Бугари го нарекуваат нешто како „пораженска психологија на масите“. Затворени од сите страни се обидуваат да им се додворат на Србите, го потпишуваат Нишкиот договор 1923 година, но тоа го плаќа со главата бугарскиот премиер Александар Стамболиски. Убиен е од четниците на ВМРО предводени од војводата Величко Велјанов од с. Црешево, Скопско, а логистичка поддршка им даваат делови на бугарските елитни одреди предводени од капетанот Харлаков, познат како Чернија капитан.
Во Вардарска Македонија српската власт врши невидени злостори за кои досега сж уште не се проговорило отворено, а трагедијата на населението на Егејска Македонија престанува некаде околу 1924 година со потпишувањето на Лозанските договори за размена на територии и население. Договорот Калфов – Политис им овозможува на едните да заминат во Бугарија, а на Грците да се населат на Егејот.
Бугарската разузнавачка служба за сервисирање на информации за состојбата со своите соседи воопшто не постои… сите информации ги добиваат единствено од ВМРО, најчесто ги премолчуваат и го доведуваат својот народ во заблуда.
Набрзо советското разузнавање – НКВД длабоко навлегува во порите на бугарското општество користејќи ги флоскулите од типот „братски народи, Славјани, православни“. Крајот е на 19 мај 1934 година кога офицерската група „Звено“ (нешто како „покров“), де факто група на авантуристи и купени офицери, поттикната од српски и коминтерновските пари, врши воен удар, го затвора парламентот и ги забранува сите партии и организации. Само неколку месеци потоа парламентот е обновен, партиите продолжуваат со нормална работа, но ВМРО е забранета, а нејзините членови се во затвор или прогонство. Тоа е крајот на ВМРО, но и на демократијата во Бугарија. Во периодот од 1934 година, па сж до 1941 година Бугарија се подготвува за учество во очекуваната втора голема војна. Во тоа време веќе ВМРО е омаломоштена и прикриена, а бугарските разузнавачи немаат никаков достап, ни до територијата на Македонија ни до некои сериозни сведенија за состојбата во земјата. Се ползуваат германски и унгарски извори, но од нив слабо фајде…
Во 1941 година, кога бугарските војски, а со нив и разузнавачката служба, влегуваат во Скопје некаде околу 20 април и ја преземаат управата над македонските територии ситуацијата, ситуацијата е сосема поинаква. Веќе има навестувања за формирана македонска национална свест, основано е напредното списание „Луч“, а група млади студенти е во потрага по својот идентитет. Еден настан го одбележува бугарското разузнавање во тие моменти. Имено, поразената српска војска бега од Македонија, но, види чудо, српските разузнавачи остануваат на терен и ги дочекуваат своите бугарски колеги, сето под надзор и логистика на германските структури. Тогаш, некаде околу 25 април 1941 година, во тогашниот елитен скопски хотел „Москва“ (на негово место сега е зградата на „Технометал – Вардар“) српските разузнавачи им приредуваат свечена вечера на своите бугарски колеги. Како што е редот, има печени прасиња, прекрасни вина и дами во вечерни тоалети кои играат валцери и танго со прекрасната музика, специјално за таа намена. Додека трае прославата, во една од собите на хотелот, на горниот кат, српската разузнавачка служба ги предава материјалите за „ненародните и комунистички елементи од Македонија“ на своите бугарски колеги, заедно со целокупната своја србоманска агентура на терен и ги упатува во борбата против новиот непријател. Цената на предавството е нормална – Србите ја напуштаат Македонија заедно со целокупните свои имоти и финансиски придобивки и непречени од никого си заминуваат по родните краишта во Србија. Сето тоа го гледаат и следат младите македонски интелектуалци и се згрозени од чинот на двојното предавство.
Што прави бугарското разузнавање… не прави ништо, буквално ништо. Кај нив веќе е длабоко навлезена советската НКВД и тие едноставно ги подгонуваат македонските комунисти на востание, согласно со упатствата на Коминтерна за подигање светска револуција од Балканот. НКВД бара крв, крв од која ќе профитира…
Мисијата на Каракачанов и на Еков
По завршувањето на војната, почнува погромот на македонските Бугари како во Македонија така и во Бугарија. Некои од бугарските разузнавачи веќе се во служба на Советите и редовно ги хранат со материјали против михајловистите, разгорувајќи ја омразата кон нив со квалификациите како фашисти и сл. Шемата е многу проста и функционира до ден-денешен: Бугарската служба своите сознанија ги доставува на НКВД – КГБ во Москва, а Советите тие сознанија, филтрирани за свои потреби, ги доставуваат на УДБ во Белград. Резултатите се невидени апсења и тортури на македонските Бугари и на Бугарите од источна Србија.
Се до 1965 година бугарската служба не може ни да припари во Македонија, а информациите ги добива од скромни извори на неколку преостанати бугарски фантасти, кои не можат или просто не сакаат да ја осознаат подлата ролја на софиските служби. По 1965 година и пасошката и визната либерализација за југословенските граѓани, многу млади Македонци одат да студираат на софиските факултети. Тоа е време на голем подем на бугарското разузнавање, но и сериозни реакции од македонска страна. Два настана го одбележуваат овој период во неговата вистинска светлина. Во првиот случај некаде кон крајот на шеесеттите една млада македонска студентка, П.М.Г., од познато бугарско семејство, оди на студии во Софија. Студентското друштво организира екскурзија за сите студенти на Рилскиот манастир и како што е редот, младите луѓе седнуваат на чашка, да се забавуваат и кажат некое паметно наздравување. П.М.Г. ја подигнува чашата и наздравува за „Б’лгарија од Черно Море до Охрид“. Содржината на здравицата релативно брзо стигнува во Македонија. Полицијата го апси нејзиниот остарен татко Т.М., а ги принудува нејзините блиски да ја повикаат од Софија да си дојде дома… наводно татко ч бил болен. Таа се враќа, веднаш е уапсена и судена заедно со својот татко, апсолутно невин во целата ситуација. Стариот Т.М. во затворот е оставен без лекарска нега, се влошува неговиот веќе стечен дијабетес мелитус, однесен е на скопската клиника, отсечена му е едната нога, доведен е дома, каде што умира за неколку седмици. П.М.Г. ја одлежува затворската казна и сега, веќе во сериозни години, живее во Скопје.
Вториот случај нема трагичен крај. Имено, еден млад македонски чиновник во амбасадата на Југославија во Софија, некаде во средината на осумдесеттите години, попаднал во рацете на бугарските служби и тие го врбувале. Веројатно бил принуден поради вообичаените активности на дипломатите – или шверц или лесни жени. Откако ја прифатил соработката, се сетил што направил, дошол во Скопје и сж признал на тогашната ДБК. По извесно време е суден, осуден на минимална казна затвор, за потоа да се отсели некаде во Југославија, од каде што и му била сопругата. Истовремено, раководителот на секторот во ДБК за работа против бугарските служби, некој си Медарски, е разрешен од сите функции.
Паѓањето на Берлинскиот ѕид и, воопшто, системот во земјите на Источна Европа и Југославија, ја ревитализира бугарската разузнавачка служба. Таму веќе доаѓаат некои нови луѓе со семејно патриотско наследство и со желба да се разделат со руските ментори-началници и сами да си ја пробаат среќата. Тогаш македонската безбедност делумно руинирана, но беспоговорно потчинета на Белград, прв пат се среќава со невидени бугарски разузнавачки активности – агресивни, дрски и бескомпромисни.
Де факто, дејствата почнуваат една година порано. Група млади бугарски разузнавачи, составена од Красимир Каракачанов, Евгени Еков и уште неколку млади луѓе, прв пат влегуваат во Македонија, ги обиколуваат сите населени места и по список ги бараат сите оние или нивните потомци кои на некаков начин биле врзани дали со бугарската кауза или со разузнавањето. Не се бараат само Бугари-михајловисти. Ова е ново време и нови се и демократските перцепции. Тие ги бараат сите што ги чувствуваат своите бугарски корени, притоа контактирајќи и со потомството на бившојугословенските социјалдемократи и комунисти, кои припаѓале на блокот на Петко Милетич или Милан Горкиќ и со нив вршат анкетни разговори ветувајќи им помош и привилегии во времето што доаѓа. Тоа е првпат, по 1918 година, бугарски разузнавачи да ветуваат нешто за да придобијат луѓе за себе, луѓе што секогаш биле нивни и останале кај нив… Оваа група е поддржана од власта, но главната логистика, едукацијата по проблемите, методологијата и темите за разговор ги добиваат од Коста Црнушанов, поранешен член на ММТРО од 1927 година, вмровец-михајловист, филолог, писател и преведувач, неверојатен ерудит, по потекло од Прилеп.
За времето од 1991 година до денес речиси сж е напишано и нема потреба од некакви објаснувања – сите се знаат и сите си имаат своја позиција по однос на сознанијата.
Подметнување за формирањето на ВМРО-ДПМНЕ
Неодамна на веб-страницата на „Македонска трибуна – Торонто“ се појави видео во траење од 23 минути каде што се две индивидуи, едниот европратеник Ангел Џамбаски, кој инаку важи за покровител на македонските Бугари во европските институции, вториот Георги Коритаров, новинар и уредник во неколку телевизии. До осумнаесеттата минута нивното интервју врвеше нормално, за потоа Коритаров да земе збор и да изнакаже сериозни глупости, како, на пример, бугарските разузнавачки служби го формирале ВМРО-ДПМНЕ, дека ВМРО-ДПМНЕ е бугарска организација и дека Македонците никогаш нема да го потпишат договорот за добрососедство затоа што тоа не е договор Македонци – Бугари, ами договор Бугари – Бугари. Па нема зошто да се потпишува. Коритаров наведе дека бившиот бугарски агент Велизар Енчев, задолжен по линијата на Југославија во тодорживковско време и нешто потоа, најсериозно му кажал дека ВМРО-ДПМНЕ во 1990 година било формирано од тогашните бугарски разузнавачки служби. Во прилог на тоа го навел бугарското државјанство на Љубчо Георгиевски и дека сите македонски влади, сж до премиерот Никола Груевски биле составени претежно од бугарски национален елемент… Енчев не беше никаков разузнавач, туку само новинар кој прифатил да биде оспособен и да работи во разузнавањето по линија на југословенските служби. Имал проста задача, како и сите бугарски агенти во Југославија, едноставно, пренесувал информации на бугарската и на советската разузнавачка служба, добивал информации и ги пренесувал на Софија. Слушајќи ги овие небулози, човек очекува да слушне и дека СДСМ е формиран од Бугарската комунистичка партија (БКП).
Сведоштво „Македонија под ропство“ со илјада документи
Во триесеттите години од минатиот век се појавува книгата „Македониа под иго“, односно, „Македонија под ропство“ од анонимен автор кој се претставува себеси како Веритас. Во книгата на 500 страници се содржани околу 1.000 материјали од Вардарска и Егејска Македонија, документи, писма, петиции, исечоци од домашниот и странскиот печат, сето тоа во служба на Бугарија. Во неа има многу приватни и лични писма испратени по редовната курирска служба на ВМРО, писма за кои бугарската влада и држава не преземаат ништо… само неколку млаки петиции… И, уште почудно, сета агентура е средена по име и презиме или под псевдоним, секое село е споменато ако имало настан, секој настан или дејност на српската или грчката власт е документиран и објаснет… но, меѓу разузнавачите нема ниту еден Бугарин од старите предели, сите се од Македонија – Егејска или Вардарска. Никаде не се споменува ниту еден вистински бугарски агент, нешто што во турско време било одбележувано. Книгата го опфаќа периодот од 1919 до 1929 година, а е печатена во 1931 година во печатницата на царскиот дворец. Зад псевдонимот Веритас стоел Иван Хаджов, Македонец, по потекло од Струга, инаку познат бугарски писател и филолог, кој до својата смрт во шеесеттите години од минатиот век останува на бугарската филолошка сцена.
Советска заштита за злосторници
Два примера илустративно ја објаснуваат ситуацијата со бугарското разузнавање. Едниот е случајот со бугарскиот фашистички генерал Иван Маринов, командант на битолската воена област. Неговиот експедиционен корпус ја зави во црно Егејска Македонија наводно барајќи прикриени комунисти. Но, тој учествува во воениот преврат во Софија на 9 септември и го организира влегувањето на советската армија на територијата на Бугарија, поддржан од поголем број негови истомисленици и национални предавници. Југославија со акт бара да биде испорачан и да му се суди за злосторствата, но, внимавај, советската страна тврди дека тој е агент на НКВД и Коминтерна уште од пред 1934 година и сж што работел било по налог на Коминтерната. Експресно е поставен за бугарски амбасадор во Париз, каде што останува до крајот на својот живот. Вториот пример е уште посликовит. Во Прилеп бугарското разузнавање го водел некојси поручник Куцаров, кој бил познат како опасен и насилен антикомунист, специјално задолжен за борба против прилепската партиска организација на КПМ.
Некаде околу 1942 година тој самиот, без никаква наредба на воените власти, собира дел од попознатите прилепски комунисти и неколку селани од селото Дабница, ги затвора и лично измачува во прилепските касарни за потоа да ги однесе во дабничкиот регион и сите да ги стрела. Така е убиен народниот херој, адвокатот Рампо Левков, а само еден од однесените на стрелање успева да се спаси. По војната Титовата УДБ го пронаоѓа во родното место, Пловдив, Бугарија, и бара негово екстрадирање и судење во Прилеп. Одговорот на бугарската власт е зачудувачки – Куцаров е стар агент на НКВД и сж што работел било по налог на Коминтерната. Екстрадицијата е одбиена.
Извор: ДневникРазузнавачите од Бугарија никогаш не биле на некоја голема цена во Македонија, народот со нив не контактирал, а оние од старото ВМРО, со наклонетос

Пронајдете не на следниве мрежи: