Масовно етничко чистење на Егејска Македонија

Македонците беа должни да ги сменат своите имиња и презимиња, а секое македонско презиме требаше да завршува на „ис“, „ос“ или „пулос“. Паралелно со тоа, грчката држава почна вистински поход против славјанската писменост. Славјанските букви и зборови беа отстранувани дури и од надгробните споменици и од црквите. Грција ја забрануваше и употребата на македонскиот јазик дури и за пеење и плачењеСто години од Букурешкиот договор и од поделбата на Македонија
Букурешкиот мировен договор од август 1913 година ја подели Македонија меѓу Грција, Србија и Бугарија. Според договорот, Грција доби 51 процент од македонската територија, иако на тој простор живееја само 9,8 проценти етнички грчко население; Србија доби 39 проценти од територијата без присуство на српски етнички елемент на таа територија, а Бугарија доби 6.798 квадратни километри територија населена исклучиво со македонско население. Подоцна еден процент од македонската територија доби и Албанија, иако на тој простор не живееше ниту еден Албанец. Овој договор ги заостри уште повеќе односите меѓу балканските држави, кои како одвај да чекаа да почнат нова војна за да ја делат Македонија. Две години подоцна навистина се случи тоа. Според д-р Стојан Киселиновски, две години подоцна, во периодот од 1915 до 1918 година, македонскиот фронт повторно беше сцена на тешки борби меѓу француските, англиските, грчките и српските војски, од една страна, и Германија, Австро-Унгарија, Турција и Бугарија, од друга страна. Сепак, според него, најжестоко и најупорно на овој фронт војуваше бугарската војска, во која учествуваше и 11-та македонска дивизија, со околу 33.000 македонски војници. По интервенција на САД, но и на Англија и Франција, армиите на Германија и Австро-Унгарија беа поразени, а со нив и Бугарија. 
ПРОТЕРУВАЊЕ И КОЛОНИЗАЦИЈАСо Нејскиот мировен договор од 1919 година се потврди поделбата на Македонија од 1913 година, а Бугарија беше принудена да им ги отстапи на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците целиот струмички регион и таканаречените западни покраини. Истовремено на Грција ѝ ја отстапи западна Тракија меѓу реките Места и Марица, а на Романија ѝ се призна поседувањето на јужна Добруџа добиена со Букурешкиот мировен договор потпишан шест години пред тоа. Се разбира, многу држави не беа задоволни од ваквиот крај на Првата светска војна, а договорите што беа постигнати под притисок беа основната причина дваесет години подоцна да почне нова војна, таканаречената Втора светска војна. Меѓу двете војни во Македонија се извршени големи етнички промени, а најголемите етнички промени се во Егејска Македонија. По нивната масовност и карактер, етничките промени во Егејска Македонија зазедоа размери на масовна политика на етничко чистење, политика на геноцид врз еден цел народ. Во ноември 1919 година Грција и Бугарија потпишаа конвенција за таканаречено доброволно иселување на населението што живееше во двете држави. По силата на оваа конвенција, 86.571 Македонци беа принудени да заминат од Грција во Бугарија. На овој начин грчката држава ја реализира првата принудна миграција на македонското население од Егејска Македонија. Политиката на етничко чистење на македонскиот народ продолжи и со Лозанскиот мировен договор од 1923 година, со кој се предвидуваше задолжително иселување на христијаните од Турција. Со тој бран на преселба од Турција во Грција беа опфатени Грци, но и Турци и Ерменци со христијанска вероисповед. Во обратна насока мораа да заминат Турците со муслиманска вероисповед, но и Македонците и Власите со муслиманска вероисповед. Врз основа на овој договор, од Егејска Македонија се иселија 354.000 муслимани. Со Лозанскиот мировен договор грчката држава ја реализира втората принудна миграција на инородното население што живееше во рамките на грчката држава, подвлекува во своето истражување д-р Киселиновски.Според Киселиновски, по силата на Нејскиот и Лозанскиот договор, 127.374 Македонци, или 34,39 отсто од вкупното македонско население што живееше во Егејска Македонија, беа принудено да емигрираат во Бугарија или во Турција. Во Егејска Македонија останале само околу 243 илјади Македонци, или 65,61 отсто од македонското население што живеело во тој дел на Македонија пред Балканските војни: „Паралелно со протерувањето на Македонците од Егејска Македонија, грчката држава спроведуваше и политика на колонизација за да се смени традиционалниот етнички состав на населението во тој дел на Македонија“, пишува д-р Киселиновски во своето истражување за последиците од Балканските војни врз Македонија и Македонците. „Врз основа на внатрешната колонизација на Егејска Македонија во периодот од 1913 до 1928 година беа колонизирани 53 илјади Грци, а врз основа на надворешна колонизација беа доселени 565.143 лица грчко и негрчко христијанско население. Во тие бранови на доселеници за да се смени етничкиот состав на населението во Егејска Македонија беа донесени Грци, Караманли (Турци со христијанска вероисповед), Ерменци и разни други кавкаски народи. Во тој период во Егејска Македонија беа доселени вкупно 618.199 лица различни по своето потекло, јазик и културни традиции. Врз основа на овие големи доселувања се смени етничкиот карактер на тој дел од Македонија, односно Егејска Македонија се десловенизира, а со тоа, во етничката историја на Македонија почна новиот грчко-маџирски етнички период. Се разбира, јасно е дека грчката колонизација беше смислена и реализирана на штета на македонскиот народ, па затоа Македонците од душа ги мразеа колонистите, давајќи силен пасивен и активен отпор на смислената геноцидна колонизација на Егејска Македонија. Овие етнички промени што се случија во Македонија имаа тешки етно-јазични, политички и економски последици за македонското население“. МАКЕДОНЦИТЕ ГО ЗАГУБИЈА СВОЈОТ ЕТНИЧКИ ИСТОРИСКИ СТАТУС ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА Поради големата грчка колонизација на Егејска Македонија, Македонците го загубија својот етнички историски статус. Од најмногуброен народ, Македонците добија статус на малцинство во својата родна земја, смета д-р Киселиновски. Ако пред 1913 година, од вкупно еден милион и шеесет илјади жители, дури 77 отсто беа Македонци, по големите етнички промени Македонците беа само 17 проценти од населението, кое сега имаше близу милион и пол жители. Паралелно со тоа, Грците, кои беа малцинство, сега добија статус на мнозинско население. Ако пред 1913 година Грците во Егејска Македонија беа само околу 20 отсто од целокупното население, по големите етнички промени Грците веќе беа 50,36 отсто од населението во Егејска Македонија. Сите мешовити бракови меѓу Грци-Караманли, Грци-Кавкасци, Караманли и Кавкасци, Караманли и Ерменци, благодарение на димотики, односно грчкиот народен јазик, одеа во корист на грчкиот етнос. Според д-р Киселиновски, со промената на историскиот статус се смени и статусот на македонскиот и грчкиот јазик во Егејска Македонија. Македонскиот јазик го загуби својот традиционален историски статус на домородно доминантно население, па македонскиот јазик од најупотребуван јазик во Егејска Македонија доби статус на јазик на малцинство. Истовремено, по 1913 година, а особено по 1923 година грчкиот јазик постепено го менуваше својот јазичен статус, и од јазик на малцинство или семеен јазик, стана најупотребуван јазик на целокупното население, па и Македонците почнаа да го учат за да можат да функционираат во секојдневниот живот. Силата на оваа нова етничка историска реалност беше толку голема што грчкиот јазик добиваше статус на примарен, мајчин јазик и надвор од грчкото семејство. Грчкиот јазик преку мешаните бракови постепено го истиснуваше турскиот јазик кај Караманлиите, ерменскиот кај Ерменците и рускиот кај дел од кавкаското население. Со големите етнички промени во Егејска Македонија, смета д-р Киселиновски, во етничката историја на Македонија заврши славјанскиот период и почна новиот грчко-маџирски период, а со тоа грчките политички граници сѐ повеќе се совпаѓаа со грчките етнички граници. Грчката државна политика со текот на времето доселениците од островите, но и од сите други места од каде што ги носеше во Егејска Македонија, ги претвораше во елиномакедонес-гркомакедонци, за на крајот да ги промовира во македонес – Македонци со грчко потекло. А, се разбира, тие немаа никаква врска ниту со Македонија ниту со Македонците. Македонците новодојденото население го нарекуваа со едно и единствено име – маџири, односно странци, туѓинци, а понекогаш и со пејоративното име аути или куркудати. Маџирите ги именуваат Македонците најчесто со ендопи, односно домородци. Паралелно со ваквата политика на промена на етничкиот состав, Грците спроведуваа и бришење на славјанскиот топонимски карактер на Егејска Македонија. Со законот до 1926 година почна интензивна деноминиција на македонските населени места. Врз основа на овој закон сите имиња на реки, планини, села и на градови добија грчки топоними.СТРА ШТО ОТНА ПОЛИТИКА НА ДЕНАЦИОНАЛИЗАЦИЈА И АСИМИЛАЦИЈАСпоред истражувањето на д-р Стојан Киселиновски, во Егејска Македонија веднаш по војната во 1913 година почнува да се спроведува стравотна политика на денационализација и асимилација на македонското население. Грчката држава, пишува тој, е крајно сурова во тој однос, па не го признава ни постоењето на македонското име и македонскиот јазик: „Македонците беа должни да ги сменат своите имиња и презимиња, а секое македонско презиме требаше да завршува на ’ис’, ’ос’ или ’пулос’. Паралелно со тоа грчката држава почна вистински поход против славјанската писменост. Славјанските букви и зборови беа отстранувани дури и од надгробните споменици и од црквите. Сите цркви во Егејска Македонија педантно беа прегледани и прекрстени со грчки имиња, а словенското писмо и сите црковнословенски натписи беа отстранети, а пронајдените црковни или лични словенски книги беа уништени како во периодот на фанариотското средновековие. Се рушеа и илинденските споменици, како Братската могила во селото Апоскеп, Костурско, каде што меѓу другото беше погребена и главата на Лазар Поп-Трајков. Паралелно со отстранувањето на секаква македонска писменост, остро се прогонуваше и живиот македонски збор. Разни грчки националистички банди крстосуваа низ македонските села и го малтретираа македонското население да зборува само грчки доколку сака да го види утрешниот ден. Грчката националистичка организација Грчко-македонска тупаница ги предупредуваше Македонците дека строго им се забранува да зборуваат на својот мајчин јазик и должни се да зборуваат само грчки секаде и во секое време. Особено суров беше нападот врз македонскиот јазик, кој беше сметан за варварски, недостоен за еден културен граѓанин. Македонскиот јазик беше забранет, омаловажуван и прогонуван. Се забрануваше употребувањето на македонскиот јазик дури и во меѓусебната комуникација меѓу родителите и децата, меѓу селаните, на свадби, седенки или погреби. Со еден збор, Грција ја забрануваше употребата на македонскиот јазик дури и за пеење и за плачење“. ЗАВРШНИОТ УДАР НА МЕТАКСАССепак, завршниот, најсуров напад врз македонскиот јазик го реализира диктаторот Јоанис Метаксас во 1936 година, кога ја забрани употребата на македонскиот јазик не само во секојдневниот живот во селата туку и во каква и да е комуникација во семејството дома. Прекршувањето на оваа невидена забрана во светски рамки повлекуваше тешки и сурови физички казни, но и плаќање таканаречен јазичен данок. За прекршување на забраната за користење на македонскиот јазик во јавниот живот, или во рамките на семејството, над 4.500 Македонци во тој период беа осудени и испратени на грчките острови. Повремено, поради притисокот што го вршеше Друштвото на народите, грчката влада беше принудена меѓу двете светски војни да преземи одредени формални мерки за да ја убеди Европа дека Грција, како цивилизирана земја, ги почитува одредбите за заштита на правата на малцинствата што произлегуваат од Парискиот мировен договор. Поради таквите притисоци, во 1925 година во Грција беше отпечатен еден буквар наречен „Абецедар“. Букварот беше печатен со латински букви на македонски народен јазик, односно на леринско-битолски дијалект. Се разбира, тоа беше само лажен грчки трик, зашто веднаш по публикувањето, букварот беше уништен и никогаш не стигна во рацете на тие за кои беше наменет. Грчките училишта за македонските деца беа вистински мачилишта. Поради тешкиот, репресивен живот во својата родна земја под грчка окупација, Македонците ги сметаа Грците за многу полош окупатор од Турците: „Турците немаа вера, но имаа исав. Грците немаат ни вера нуту исав“, велеа постарите Македонци, пишува историчарот д-р Стојан Киселиновски, роден во селото Б’мбоки, Костурско, Егејска Македонија.

Што загуби Бугарија, што добија Србија и Грција?
Билансот на меѓусојузничката војна за Бугарија е следниот: 52.000 мртви и исчезнати, околу 10.000 ранети, чии пензии го оптовариле буџетот со околу 10.000.000-15.000.000 лева. Освен тоа, 660.000.000 лева воени трошоци, 150.000.000 лева потрошен воен материјал. И на крајот од сето тоа: 7.525 квадратни километри плодна земја во вредност од околу 1 милијарда лева со 286.000 луѓе ѝ се отстапени на Романија. Добиени 23.257 квадратни километри од западна Тракија, од кои само 3.000 квадратни километри обработлива земја, и прираст во жители од околу 660.000 лица, најмногу муслимани и Грци. Истовремено Србија добила 39.047 квадратни километри со 1.200.000 жители; Грција добила околу 56.000 квадратни километри територија со 2.600.000 жители, а Црна Гора 5.676 квадратни километри со 230.000 жители. Дури и Турција, на која, по Лондонскиот мировен договор, во европскиот дел ѝ останаа само 9.618 квадратни километри територија со 725.000 жители, по Втората балканска војна доби назад 10.201 квадратен километар со 725.000 жители, а како нова држава се појави Албанија со 32.000 квадратни километри државна територија и околу 880.000 жители. Се разбира, низ сите тие бројки ја снема Македонија, односно беше поделена меѓу Србија, Бугарија, Грција и Албанија. 
Извор: Нова МакедонијаСто години од Букурешкиот договор и од поделбата на Македонија
Букурешкиот мировен договор од август 1913 година ја подели

Пронајдете не на следниве мрежи: