ТРИБИНА ВО РАМКИТЕ НА „ПРО-ЗА БАЛКАН“ Добриот превод чини многу, а пари никогаш нема доволно

Дваесетина писатели, издавачи и еден литературен агент, гости на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“, денеска учествуваа на тркалезната маса на тема „Независни издавачи од Германија и превод на литературата од Балканот: мапирање на реалноста“, што се одржа во ЕУ-инфо центарот во Скопје. Трибината е дел од тридневниот фестивал во организација на издавачката куќа „Икона“, чија цел е да ја афирмира и промовира балканската прозна литература.Освен писателите гости на фестивалот (Георги Господинов, Марко Видојковиќ, Звонко Карановиќ, Асли Перкер, Луан Старова и Андреј Блатник) и домашните Александар Прокопиев и Ермис Лафазановски, на трибината учествуваа и учесниците на програмата „Скопје фелоушип“, (Skopje fellowship) која оваа година има зголемен број на учесници – издавачите Јерг Сандермајер од „Вербрехер”, Флориан Грундај од „Валштајн“, Рајнер Хелчл од „Опен хаус“, Севастос Сампсоунис – „Гресенван“ и литературниот агент Кристине Лиштау од „Антас Биндерман Лиштау“ литературната агенција, како и Џон О’Брајан, основач на гигантот „Далки архив прес“ од САД.
Зголеменото присуство на гостите од Германија со помош на Фондацијата „Курт Волф“ е една од причините за насловот на трибината, рече директорот на фестивалот Дејан Трајкоски при што ги поздрави учесниците.
Трибината ја отвори Елизабета Шелева како модератор.  Таа и го отстапи зборот на турската писателка Асли Перкер, која истакна дека клучна работа и проблем е преводот.
-За добар превод за да се долови книгата на нејзиниот изворен јазик е потребна поддршка од државата, а тоа не секогаш е можно. Сега за првпат овде доаѓам во контакт со другите автори од Балканот и сметам дека балканската литература треба што повеќе да се шири и во останатите држави во светот – рече Перкер.
На прашањето од Шелева каква е ситуацијата со преведување на авторите од ова географско подрачје, членот на фондацијата „Крут Волф“, Сандермајер рече:
-Проблемот е поинтензивен од германски аспект, бидејќи не знаеме дали да ги откупуваме правата и дали треба да му веруваме на преводот. Друг проблем е тоа што Германија си зборува самата за себе, за својата историја. Странската литература, пак, може да ги измени нашите погледи. Потребни ни се преводи, а има многу малку преводи од македонски на германски.
Тој истакна дека во Германија не допира литературата од Балканот, а проблемот е тоа што се уште постои мислење за Балканот како посебен дел од Европа или како да не е дел од Европа. Ова мислење го потврдија и дополнија и останатите учесници на трибината. Така, еден од најпознатите и најпреведувани автори од Бугарија и годинашен лауреат на наградата „Прозарт“, Георги Господинов, истакна дека сите во овој регион имаме колективна меморија и интересно е кога ќе чуеме дека и луѓе од други држави се поистоветуваат со тоа. Според него, личните приказни се универзални.
-Германија е пак, земја која покажува поголема љубопитност кон овој дел од Европа. Она што не ми се допаѓа таму е етикетирањето, на пример, литература од Источна Европа. Сите сме европски писатели – рече тој.
Прокопиев на ова додаде дека проблемот е геополитички, бидејќи писател е универзална категорија.
Кристине Лустан како единствен литературен агент меѓу гостите на фестивалот, рече дека најважно е да постои некаква организација која ќе овозможи груб превод од 30-тина страници на книгата за да биде подостапна до германските издавачи.
Според словенечкиот писател Блатник голема улога дали некој писател ќе биде преведен или не, има дали бил преведен на англиски јазик.
-Како писател ќе ви обрнат внимание откако ќе излезе ваш превод на англиски и потоа патува како снежна топка.  Литературата не’ учи на емпатија и затоа треба повеќе да преведуваме. Затоа е важен тој премостувачки јазик.
За германскиот издавач Сампсоунис, главниот проблем во Германија е тоа што балканската литература наидува на мал интерес.  
-Проблемот не е во тоа дали станува збор за добри или лоши книги, туку во политичките случувања на Балканот. Се нема време да се учи повеќе за овој регион. Затоа важно е секоја земја да даде доволно пари за да ја направи сопствената литература видлива. Многу е важно авторите да се присутни и на социјалните мрежи – рече тој.

За основачот на гигантот „Далки архив прес“ од САД, Џон О`Брајан се’ се сведува на пари.
-Добриот превод чини многу, а никогаш нема доволно пари. Сега е лошо време да се занимаваш со литература во САД и издавачите се лошо расположени кон авторите. Литературата денес се третира како подземна активност. Тешко е да се најдат издавачи кои прават преводи. Не знам како успеавме да преживееме до сега, никој не сака да плаќа за магацин и за струја, а тоа се неопходни трошоци. Колку сте поприсутни на пазарот, толку се станува поскапо и затоа само ќе кажам, пари, пари и пари.
Српскиот писател Карановиќ рече дека постои идејата Балканот да се одреди како пункт и да искористиме нешто од специфичностите со кои располагаме и се надеваме дека се случувале специфични работи кои би им биле интересни на Германците.
Рајнер Хелчл од германската издавачка куќа „Опен хаус“ објасни дека тие работат со германски автори, но и со автори од САД и од Норвешка која има одлични англиски преводи.
-Кога добивме понуда да учествуваме на овој фестивал сакав да видам за што се работи. Мислам дека авторите од Балканот имаат добра шанса за излез. Ми оставија силен впечаток и мислам дека имаат добар квалитет и интересни приказни – истакна тој.
Лафазановски додаде дека кога ќе каже дека е од Македонија сите го прашуваат „молам?“, од Балканот повторно „молам?“, па дури кога ќе каже од Европа, знаат од каде е.
-Ние треба да бидеме европски писатели за сите што не’ преведуваат. Во Германија не’ третираат како писатели од Источна Европа и би сакал да прашам дали сме интересни како писатели од Македонија или само од Источна Европа?
Трибината ја заокружија германскиот издавач Грундеи и академик Старова.  Грундеи истакна дека ситуацијата е таква што во овој момент повидливи се скандинавските автори од балканските. Според академик Старова тоа е така затоа што вистината за Балканот не е продрена до нив и апелира и до помладите автори да ги откријат пластовите на нашата изгубена меморија.Освен писателите гости на фестивалот (Георги Господинов, Марко Видојковиќ, Звонко Карановиќ, Асли Перкер, Луан Старова и Андреј Блатник)

Пронајдете не на следниве мрежи: