Апел за евакуација: Состојбата на терен е алармантна, се огласи градоначалникот на Делчево

Жителите од критичните реони во село Нов Истевник и Стар Истевник зафатени со големиот пожар да се евакуираат во градската средина. Поради алармантната состојба на теренот, неконтролираното ширење на пожарот и силниот ветар, а со цел да не се загрозат човечки животи, градоначалникот на Општина Делчево потенцира дека е неопходна евакуација на жителите од селото Нов Истевник заедно со сите селски маала: Пасјак, Балабанци, Курачко Маало, како и на жителите од селото Стар Истевник.
-Апелирам жителите да бидат крајно внимателни и да не се движат во критичните реони. Поради неконтролираното ширење на пожарот се предупредуваат и жителите на с. Тработивиште да бидат крајно внимателни и да ја следат состојбата со цел брза реакција доколку пожарот земе посилен замав во атарот на селото, истакна Трајковски.
Жителите од споменатите маала моментно спасуваат што може да се спаси од пожарот кој веќе навлезе и во селото Стар Истевник.
Како што информира Васил Маневски жител на село Тработивиште зафатена е и месноста Браниград, а пожарот неконтролирано се движи кон село Тработивиште.
Во огнената стихија забележливи се и хеликоптери кои учествуваат во гаснењето, додека на терен се и преку 100 луѓе кои даваат теренска поддршка за гаснење на најголемата огнена стихија која како што велат жителите досега не е запаметена во делчевско.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.