Не е срамота да се биде депресивен

Кај нас, за жал, се уште владее сфаќањето, односно заблудата, дека е срамота да се боледува од пореметување на менталното здравје. Погледнете се во огледало и кажете си како се чувствувате?

Кога кај нас некој боледува од депресија, сеедно во која форма и во кој обем, тој или таа не сакаат да се лекуваат мислејќи дека “самото ќе си помине” или дека “нема лек”, а дека е срамота да се побара помош од лекар.

Пореметувањата на менталното здравје, па и депресијата, се комплексни болести кои можат да се лекуваат, залекуваат, а повеќето од нив и да се излекуваат. Депресијата е болест, и така треба да се третира, слична на болестите како што е грипот, настинката, шеќерната болест, зголемениот крвен притисок… едноставно, болеста е болест.

ПРИЧИНИ И СИМПТОМИ
Причините за депресија обично не се едноставни, туку најчесто станува збор за неколку различни причинители: наследни фактори, некои трагични случувања, долготрајна болест, пореметувања во мозокот и друго.
Симптомите варираат од личност до личност, а зависат од интензитетот на причината и од многу други аспекти.

Некои од најчестите и најзабележителните симптоми на депресијата се: нагла промена на апетитот, главоболка, летаргија, астенија (слабост, хронична исцрпеност и поспаност), несоница, меланхолија, замисленост, незаинтересираност за каква било работа, проблеми со варењето, губење на волјата, неосновано чувство на вина, чести промени на расположението, незаинтересираност за секс, неприлагоденост.
Ако некој има неколку од наведените симптоми подолго време, може со сигурност да се тврди дека боледува од депресија.

Од депресија боледуваат и мажите и жените, без оглед на возраста. Истражувањата покажуваат дека жените имаат повеќе проблеми со депресија од мажите или повеќе жени се лекуваат од депресија, а мажите не сакаат да признаат дека боледуваат од оваа болест.

ЛЕКУВАЊЕ
Бидејќи депресијата сама по себе е комплексна, така и лекувањето е комплексно, а некогаш и макотрпно и долготрајно. Важно е лекувањето да го преземе лекар, а начинот, ефикасноста и должината на лекувањето во голем дел зависат од самиот пациент, зашто секој пациент поинаку реагира на различни методи на лекување. За лекување на депресијата треба да се користи се што може да помогне, а тоа можат да бидат лекови, психотерапија, ароматерапија, алтернативна медицина, физички активности, промена на начинот на исхрана, масажа, когнитивно-бихејвиористичка терапија, помош од семејството.

Реакциите на начините и методите на лекување, по правило, се индивидуални, па затоа постојаниот надзор од лекар е неопходен за да се знае “што да се засили, а што да се намали” во текот на терапијата. Современите лекови имаат помалку нуспојави одошто лековите од пред 20 години, така што не треба да се плашиме од нив.
Должината на лекувањето е индивидуална, зависи од самата личност и од видот на болеста.

ОХРАБРУВАЊЕ
Без оглед на видот на болеста и нејзината “тежина”, охрабрува фактот што депресијата може да се лекува. Со лекувањето на депресијата по некое време симптомите значително се ублажуваат или сосема исчезнуваат. Во многу случаи по неколку месеци терапија доаѓа до целосно излекување.

Заклучокот е јасен: со сериозен пристап на пациентот и на сите членови на семејството и со терапија под надзор од лекар – депресијата може да се победи.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.