Човечка грешка е главниот сомнеж за автобуската несреќа

Резултатите од истрагата покажаа дека инцидентот не е резултат на терористички напад
Човечка грешка, засега, е главниот сомнеж за автобуската несреќа која однесе десетици жртви на автопатот кај Перник. Тоа се првичните сознанија на надлежните бугарски органи кои ја водат истрагата. Овие иницијални наоди на бугарското обвинителство се темелат на разговори со двајца од преживеаните патници кои, независно еден од друг, дале исти искази, како и врз основа на досегашните вештачења на местото на настанот.
„Се слушаат верзии на настанот дека во автобусот се пренесувале канти со гориво – бензин и дизел и дека тоа е причината за пожарот. Таа верзија е истражена и категорично отфрлена. Пронајдени се три канти и во нив имало само остатоци од дизел гориво за автобусот, не биле полни и не се запалиле и оттука пожарот не почнал од нив. Немало канти со бензин или остатоци од други запалувачки материјали. Резултатите од истрагата покажаа дека инцидентот не е резултат на терористички напад“, изјави Борислав Сарафаов, заменик-главен обвинител.
Истрагата покажала дека немало претходна експлозија. Автобусот со десната страна удрил во банкината, по што свртил налево и со левата страна завршил во левата банкина на автопатот по што дошло до интензивен пламен. Обдукциите на починатите укажуваат на тоа дека сите се задушиле од чадот што се појавил во кабината како резултат на брзото ширење на пожарот. Сцената била страотна, раскажуваат самите бугарски обвинители. Една работа засега е нејасна – во автобусот имало 52 патници, пронајдени се 44 тела, а седуммина се хоспитализирани. Недостасува патник – еден од преживеаните сведочи за осум спасени, а не за само седум патници.
„Пронајдовме 44 тела, а сведокот тврди дека се спасени 8 лица. Јас му кажав вие сте 7 во болницата. Тој категорично ми рече не, ние се спасивме осуммина. Во текот на истрагата, беа пронајдени 44 тела. Според податоците со кои располагаме, патувале 52 лица, ние пронајдовме 44 тела, а се хоспитализирани 7 лица – четворица мажи и три жени. Останува големата загатка, каде е осмото лице. Ја истражуваме таа верзија, може да се работи и за лошо сеќавање на сведокот“, изјави портпаролката на главниот обвинител на Бугарија, Сијка Милева.
Бугарските власти признаваат дека вина во несреќата има и во лошата сигнализација на патот, како и во слабиот квалитет на материјалот од кој е изработена заштитната ограда. Во тек е вештачење на автобусот и утврдување на техничката исправност. Утре во Скопје доаѓа тим од бугарски обвинители кој од македонската страна ќе побара правна помош како и ДНК материјал од роднините на загинатите за да се заврши идентификација на телата и нивно враќа во земјава.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.