Величковски се збогува со Андов: Политичарот кој покажа како носењето клучни одлуки во пресудни моменти ги филтрира државниците од функционерите

Стојан Андов: Политичарот кој покажа како носењето клучни одлуки во пресудни моменти ги филтрира државниците од функционерите

Денес се простуваме од Стојан Андов, првиот претседател на Собранието на независната држава, коешто под негово раководство го распиша и ги прогласи резултатите од Референдумот од 8 Септември 1991 при сите непознаници на тоа време.
Човекот кој во комплицираните околности при атентатот врз Глигоров во 1995, го одржа Собранието на линија на ратификување и спроведување на обврските од Времената спогодба, што отвори пат на нормализација и на односите со соседите и на националната економија.

Но и човекот којшто во турбулентната 2001 го менаџираше работењето на Собранието и вградувањето на Рамковниот договор во Уставот.

Тактот и ставот во создавањето и спроведувањето на овие процеси го издвоија Андов, заедно со неколкумина други политичари од тогашното државно-политичко раководство, во класификацијата државник.

Државно-политичката “младост” на Северна Македонија и нашата социо-медиумска кусогледост, за жал, најчесто го одредуваа(т) наративот кон ваквите поединци на дневно-политичка основа.

Тоа беше и односот на јавниот дискурс кон Андов овие триесетина години: државништвото како лајт-мотив во неговото политичко дејствување не смееше да биде издвоено како пример за политичар што знае да препознае правец, умее да разговара и придобие и работи за да реализира.

Мојата привилегија од соработката со Андов, покрај можноста да учам од ваков политички габарит, беше и во тоа лично да му оддадам признание за оваа одлика на неговото политичко дејствување.

Нашата колективна можност е да учиме од неговите и предизвиците на таа политичка генерација во контекст на тоа време и околности: како од неговите политички настапи, така и од неговите биографски, патеписни и романски дела што ги објави последните дваесетина години.

Во сите нив се препознава човек кој отслика дека државништвото е одлика на политичар со знаење, решителност и дух, а функцијата е многу повеќе одговорност одошто привилегија.

Човек од кого со чест се простувам со: Довидување претседателе.

Пронајдете не на следниве мрежи: