Гир со коментар за „мешањето во земјава“ – Агелер не присуствуваше на појадокот на Муцунски

Дел од амбасадорите, меѓу кои и Дејвид Гир, потсетија дека владеењето на правото е клучно за влез во Европската Унија. Ова следува откако претходно премиерот Христијан Мицкоски кажа дека станало практика амбасадори да се мешаат во внатрешните работи на државата, алудирајќи на коментарите на амбасадорите за иднината на Судскиот совет.

„Премиерот покрена важни прашања и тука сме согласни за потребата за реформи во владеењето на правото и ова е суштинско за европскиот пат на земјата. Секако, ќе продолжиме да се ангажираме, со премиерот, со Владата да дискутираме за најдобрите начини да се продолжи напред, како и за останатите делови од системот. Очекуваме да продолжиме со конструктивен однос, зашто делиме иста цел – да се приклучи земјата во Европската Унија што поскоро“, вели Дејвид Гир.

„Покренуваме размена за прашања за владеењето на правото, кое е дел од пристапниот процес за ЕУ, како што знаете суштината на Фундаментите е многу важна и очекуваме да продолжиме со дијалогот“, вели Петра Дрекслер.

-Не сметате дека се мешате во внатрешните работи?

Секако дека не.“

Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски ги седна на иста маса амбасадорите на земјите-членки на НАТО на традиционален појадок, на кој, за разлика од лани, годинава не присуствуваше американската амбасадорка Анџела Агелер. Муцунски не беше расположен да застане пред камерите.

„Тука сме писмено да ви одговориме за се што треба.“, вели Тимчо Муцунски.

Во обраќањето тој сепак ја потенцираше важноста на ЕУ и НАТО за земјава.

„Заедничките активности на НАТО и Европската Унија во регионот е од суштинско значење. Првенствено, преку забрзување на процесите на европската и евроатлантската интеграција. Ова е од суштинско значење за зацврстување на стабилноста и затворање на вакуумот, кој е подобен за дестабилизирачки влијанија од трети страни.“, додава Тимчо Муцунски.

Гир и Агелер претходно децидно ја отфрлија идејата на Мицкоски за распуштање на Судскиот совет, по што премиерот од нив побара да кажат подобро решение ако го имаат.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.