Тактичка анализа на натпреварот Манчестер Сити – Реал Мадрид

Да погледнеме на кратко што всушност се случуваше во еден од најквалитетните дуели кои можевме да ги замислиме во Лигата на Шампионите оваа сезона – Манчестер Сити – Реал Мадрид.

Роберто Манчини започна со тројца одбранбени фудбалери, потоа ја прошири последната линија на четири фудбалери, но Манчестер Сити едноставно не можеше да пронајде начин да постигне втор гол. 

Манчини започна со сличен состав на оној кој играше во второто полувреме против Тотенхем, кога Сити изгледаше одлично со тројца фудбалери во одбранбената линија. Девет од 11-те фудбалери кои играа вчера, играа и против Тотенхем, а исклучок беше Матија Насташиќ (играше на местото на повредениот Гаел Клиши) и Самир Насри.

Жозе Мурињо го постави очекуваниот состав со еден мал исклучок – Лука Модриќ беше на врвот на триаголникот на средината на теренот, на местото на Месут Озил. 

Статистиката на удари беше интересна во овој натпревар. По 17 минути, Реал Мадрид имаше 7 удари, од кои 5 беа во рамките на голот на Харт. Сити во овој момент немаше ниту еден упатен удар кон голот на кралскиот клуб. 

Неколку минути подоцна, Сити ја направи транзицијата од 3 на 4 фудбалери во одбраната, па на крајот соодносот на удари беше 11:15 во полза на Реал, од кои 7:10 беше односот во удари во рамките на голот. Земете го во предвид фактот дека гостите играа со фудбалер помалку од 73-тата минута, кога Арбелоа доби црвен картон, при што беше досуден и пенал за Сити, од кој Агуеро го постигна израмнувачкиот гол. Промената во формацијата на City беше значителен фактор за текот на овој меч. 

 

 

Одбраната од 3-ца на Манчини

Дали Манчини постапи правилно со тоа што се обиде да игра со 3-ца фудбалери во одбраната од самиот старт? Гледано низ призмата на принципот да се има вишок одбранбен фудбалер “за секој случај” – не. Реал Мадрид имаше само еден фудбалер во шпицот на нападот, а со оглед на тоа што Модриќ играше на местото на Озил, а Хрватот секогаш игра подлабоко кон средината отколку Озил кој зема поголемо учество во нападот, овој потег на италијанскиот стратег е практично бескорисен. Можеби анализата треба да заврши овде, но да ја погледнеме и логиката на Роберто Манчини. 

Сепак, Реал не играше со статичен 4-5-1 систем – тие користат непропорционален систем каде Роналдо добива многу офанзивна улога по левата страна, а Ди Мариа е повлечен кон средината на теренот на десната. Во таа смисла, потегот имаше смисла; Маикон и Пабло Забалета да се борат со Роналдо (и да го следат Коентрао кога тој ќе реши да пробива напред). Винсент Компани и Насташиќ тогаш би останале да го запрат Бензема, додека Коларов се справува со Ди Мариа. Во средината останува битка 3-на-3, а единствениот фудбалер кој е изоставен од оваа комбинација е Алваро Арбелоа, играч кој не претставува сериозна опасност кога топката е во негов посед, па веројатно тоа е причината што Манчини не му обрнал внимание. На хартија, обидот на Манчини и не е толку лош. 

 

Лошиот старт на Сити

На теренот, тактиката на Италијанецот не успеа. Темпото на додавања на Сити беше ужасно споро, а Реал Мадрид успеа одлично да ја примени својата стратегија на контра-напади. Роналдо имаше премногу простор по левата страна, постојано минувајќи покрај Забалета, откако, како што можеше да се претпостави, Маикон комплетно заборави на своите дефанзивни задачи. Ваквиот проблем со Бразилецот не се јавува прв пат, тој го правеше истото и во Интер. Англичаните имаа проблем и во средниот ред, каде што Чаби Алонсо одлично си ја вршеше работата против Давид Силва, додека Сами Кедира излегуваше понапред за да му врши притисок на Самир Насри. 

Јаја Туре имаше многу неутрална улога, па беше ограничен во поглед на можностите да влијае на натпреварот. Тој се наоѓаше премногу назад во одбраната за да ги контролира движењата на Модриќ, а и Силва често се повлекуваше назад за да побегне од Чаби Алонсо. Оттука, Сити ја загуби острината во нападот, како и брзината на транзицијата од одбрана во напад, нешто што е клучно против одбраната на Реал Мадрид. 

Проблеми имаше и во одбраната. Кога Туре и Насри истрчуваа за да дадат поддршка на нападот (почесто Насри отколку Туре), зад нив се отвораше премногу простор каде Модриќ би можел да добие топка од извонредно прецизниот Чаби Алонсо, па оттука задната линија на Сити мораше да се деформира при истапувањето на еден од централните бекови за да се спречи евентуален налет на Хрватот. 

 

Пристапот на Real

Реал Мадрид заслужува пофалби за одличниот старт. Роналдо го започна мечот на десната страна, Ди Мариа играше лево, па иако ова траеше кратко, промената секако претставуваше удар за концептот за функционирање на одбраната на домаќините. 

Интересниот дел од играта на Реал беше нивната десна страна – Ди Мариа играше длабоко во средината на теренот, додека Роналдо имаше поофанзивна улога од спротивната страна (нешто слично на обидот на Челзи против Јувентус). Ди Мариа често се наоѓаше и во одбранбената зона, следејќи ги пробивите на Коларов. Арбелоа практично имаше многу мала улога во натпреварот. Без топка, тој играше блиску до Пепе и често го следеше Агуеро во централната зона, при што се добиваше впечаток дека тој игра повеќе како трет централен бек отколку како десен бек. Неговата задача да се запре Агуеро резултираше со жолт картон во првиот дел, кој се покажа како клучен момент од мечот откако Арбелоа втор пат го фаулираше Аргентинецот, по што беше досуден пенал, а Арбелоа беше испратен во соблекувалните. 

Употребата на Модриќ исто така беше интересен потег на Мурињо – тој имаше достоен натпревар. Не спектакуларен, но достоен. Проблемот на Реал Мадрид во полуфиналето минатата сезона против Баерн беше тоа што Озил постојано чекаше топки во зоната на нападот, додека Баварците го имаа Тони Крос, кој играше поназад и од таму ја развиваше играта. Кога Реал игра на опасен терен, Модриќ е одлична опција за контролирање на средината на теренот и развивање на играта од таму. Озил ќе играше поофанзивно, а тоа ќе му дозволеше на Туре да доминира со средниот ред. 

Голот на Бензема дојде едноставно поради лоша игра во одбраната на Сити – Коларов не притисна при додавањето, а Маикон му дозволи на Бензема да мине покрај него од спротивната страна. Не може да се процени дали голот беше искористена грешка во формацијата на Манчини, но во секој случај тимот на Сити постојано ги прави тие основни грешки кога игра со 3 фудбалери во одбраната, тоа се покажа и при неуспешната офсајд замка малку подоцна во мечот. 

 

Враќање на одбранбена линија од 4-ца

Враќањето на одбраната од 4 фудбалери после 20-ина минути резултираше со голема промена во натпреварот. Забалета ја завзема позиција на лев бек, Маикон отиде десно, а Коларов застана на левата страна на средината на теренот. Силва сега беше десно, но постојано се пробиваше во централните позиции. 

Сеуште фалеше острина во играта на Сити, но сега Англичаните ја имаа топката поблиску до опасната зона на Реал, при што “Лос Бланкос” беа под многу поголем притисок. Неколку шанси беа создадени, но Реал Мадрид одлично ја задржуваа цврстината и формата со брзиот притисок кој го создаваа на фудбалерите на домаќинот. 

 

 

Хави Гарсиа

На стартот на второто полувреме, Манчини внесе нова измена во тимот – Хави Гарсиа на местото на Александар Коларов, при што Насри ја завзема позицијата на левата страна. Ова беше најдобриот облик што Сити го имаше за време на мечот, и во тој период Сити можеби го играше најдобриот фудбал. Тоа е сепак, проверена формација на Манчини – двајца фудбалери кои се движат по страничните позиции, и Туре кој добива простор да се движи по средината, заштитен од Хави Гарсиа зад себе. 

Улогата на Гарсиа беше клучна – тој беше главната фигура во спречување на контра-нападите на Реал. Кога Сити ја имаше топката, тој беше блиску до Роналдо, со што Маикон добиваше шанси да му се придружува на Силва во нападите. Силва сега доби многу повеќе простор, со што ја дестабилизираше играта на Чаби Алонсо. Ова се покажа во жолтиот картон на Алонсо поради фаул на својот сонародник. Оптоварувањето на левата страна на Реал Мадрид, особено кога Агуеро се селеше на таа страна, даваше вистинска надеж. 

Понатамошни промени

Одлуката на Манчини да го внесе Карлос Тевез на местото на Насри беше многу непромислена. Тој најпрво беше поставен на десната страна, веројатно со цел да притисне посилно на левата страна на Реал, но со тоа ја ограничи слободата на Силва. Подоцна, Тевез дојде во центарот на нападот, со што Агуеро отиде на левата страна. Во секој случај, се работи за измена која можеби не беше потребна, бидејќи Сити имаше добар почеток на второто полувреме. 

Првата измена на Мурињо беше исто така чудна. Излезе Модриќ за да влезе Каљехон. Тој играше на левата страна, при што Бензема ослободуваше простор за Роналдо, па повеќе изгледаше како Роналдо да е главниот напаѓач, кој се обидуваше да ја искористи својата брзина за пробиви во одбраната на Сити. Црвениот картон на Арбелоа ги искомплицира работите во клучен момент, по што Варан го замени Бензема и застана на позицијата лев бек, па формацијата на Реал Мадрид се претвори во едноставна 4-4-1. 

Сити напаѓаше, но Реал издржа. Повторно се дојде до еден заклучок кој беше претпоставен пред натпреварот – Џеко е поефективен од клупата отколку како стартер. 

 

Заклучок

Манчини играше со тројца одбранбени фудбалери, тоа не успеа, па тој го исправи својот систем. Внесувањето на Гарсиа беше одличен потег кој ги запре контра-нападите на Реал и му овозможи поголема слобода на Туре, но тој систем заслужи малку повеќе време. 

Мурињо го употреби Модриќ како човекот кој ќе ја гради играта и ќе ја носи топката од задните редови во напаѓачката зона, а тоа се покажа како одличен избор. Невниманието на Арбелоа во двата старта над Агуеро е всушност можеби единствената причина што цврстината на Реал Мадрид попушти пред домаќините. 

Пронајдете не на следниве мрежи: