Нови дела од капиталните едиции „Антологија на светската поезија“, „Превод на антологија на македонската книжевност на шест странски јазици“ и „Македонски искушенија“ денеска беа промовирани во Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“.На промоцијата присуствуваа премиерот Никола Груевски, министерката за култура Елизабета Канческа- Милевска и бројни еминентни личности од областа на историјата, уметноста, книжевноста.
-Во сите изминати неколку години поттикнати од состојбите со фондовите на стручна и високо ценета научна литература како Влада инициравме повеќе крупни проекти кои значат големо придвижување на нашата земја во овие области. Зад нас се стотици промоции во рамките на проектите „Превод на 1000 стручни научни книги“, учебници со кои се учи на највисоко рангираните универзитети во светот, „ Ѕвездите на светската книжевност“, „130 тома македонска книжевност“, Македонски дејци“, „Превод на антологии од македонската книжевност на шест странски јазици“, проектот „Македонски искушенија“ и многу други, истакна Груевски.
Посочи дека сите овие проекти како и стотици други книги кои се промовирани се резултат на владините заложби културата да се постави во самото срце на системот и како никогаш претходно да се инвестира во нејзиниот развој.
– Онака како што работевме цела година, така ја заокружуваме и оваа 2015 година, со нова промоција на два тома од проектот „Антологија на светската поезија“, седум дела од едицијата „Антологија на македонската книжевност на шест странски јазици“ и три книги од проектот „Македонски искушенија“, рече Груевски на промоцијата.
Секој од трите проекти, како што посочи има три различни цели.
– Делата од проектот „Антологија на светската поезија“ претставуваат продолжение на нашите заложби во Македонија да го донесеме сето она што недостасуваше или беше тешко достапно на македонските читатели, а што е светски вредно во делот на литературата и книжевноста, рече Груевски.
Во тој правец, како што истакна, Македонија изминативе неколку години целосно се отвори за светската научна литература, пред се за западната научна мисла, што не беше случај, како што рече, во минатото.
Со делата „Антологија на македонската книжевност на шест странски јазици“, како што истакна премиерот, одиме во обратен правец – од Македонија кон светот.
– Сето она што е вредно во нашата држава да биде преведено и испечатено на шест светски јазици и колку што може повеќе да биде промовирано и распространето насекаде во светот, рече Груевски.
Во рамките на овој проект денеска се промовираа „Антологијата на македонската литературна критика на руски јазик„, „Антологијата на македонската литература за деца на кинески јазик“ и „Антологијата на македонскиот роман на шпански јазик, француски јазик и арапски јазик“.
Третиот проект „Македонски искушенија“, како што појасни премиерот, обработува теми од минатото кои беа оставени во заборав, да не се пишува за нив, да не се дискутира, да не се снимаат филмови за нив, само затоа, како што додаде, се поврзани со историјата за Македонија.
– Денес веќе таквите стеги не постојат и токму затоа паралелно со дкументарните филмови кои се снимаа за овие теми, се испечатија и делата кои се историски осврт врз база на која се правени тие документарни филмови, додаде Груевски.
Во рамките на овој проект, како што посочи, денеска се промовираат два тома од серијалот ВМРО, како и делото поврзано со Тито и македонското прашање.
– Инвестициите во културата, образованието, литературата и книжевноста ќе продолжат и наредниот период. Тоа е наша стратегија и со добра мисла, со позитивна идеја, ние како Влада и во наредната 2016 година ќе инвестираме во овие области, истакна Груевски.
Минстерката за култура посочи дека на денешната промоција на проектите од областа на литературната и издавачката дејност го претставуваат и „Каталогот на капитални книгоиздателски проекти“ на Владата, Министерството за култура и Министерството за образование, во кој се содржани сите проекти кои ги реализирале изминатиот период.
– Ова информативно издание на сите љубители на пишаниот збор, на сите стручни лица, на нашите граѓани ќе им овозможи увид во значајните проекти од областа на литературата кои несомнено го унапредија книжевниот амбиент кај нас, го збогатија едукативниот процес и ја позиционираа Република Македонија меѓу земјите кои достојно го негуваат сопственото, но, и наследеното европско и светско културно и книжевно богатство, рече Канческа – Милевска.
Во контекст на тоа, додаде дека во него се застапени делата од сите овие едиции, кои се веќе составен дел од библиотеките, научните и образовните установи во Република Македонија, но и во светот.На промоцијата присуствуваа премиерот Никола Груевски, министерката за култура Елизабета Канческа- Милевска и бројни еминентни личности од областа