Оваа покер-принцеза ги знае тајните на најбогатите во светот

Толку била добра во организирањето на покер вечерите, што набрзо ги наговорила играчите да почнат да играат кај неа. Организирала луксузни партии во најскапи хотели во Лос Анџелес. Набавувала најдобра храна и најубави жени кои ги масирале играчите додека се картале. Некогаш партиите траеле и по три дена. Моли тогаш три дена без престан останувала будна.

img

Molly’s Game е филм која ја следи приказната на Моли Блум, поранешна професионална скијачка која, после тешка повреда, почнала да организира покер партии за холивудската и светската елита.

Она што филмот го издвојува од купот холивудски блокбастери и други филмски хитови е фактот дека Моли Блум е реален лик, жена чија животна приказна е раскажана во споменатото филмско остварување.

Моли Блум е родена во амбициозно семејство во Колорадо, па од мали нозе се занимавала со скијање. Најмногу во тоа ја поттикнувал и поддржувал нејзиниот татко, професор на Универзитетот во Колорадо. Моли била примена и во американската скијачка репрезентација, но на квалификациите за зимските Олимписки игри се здобила со тешка повреда, па била принудена да ја прекине спортската кариера. Тоа се случило непосредно пред да се запише на правен факултет, па Моли, за да се одмори од сето тоа, решила да земе една слободна година.

Во 2001 година, на големо незадоволство на нејзиниот татко поради кое решил да ја остави без финансиска помош, решава да се пресели во Лос Анџелес. Спиела на каучот кај една нејзина пријателка. За да заработи нешто, почнала да работи како келнерка. Така се запознала со еден агент за недвижнини кој барал асистентка. Освен класичната канцелариска работа, од Моли се очекувало и да му помага во организирање покер партии за славните ѕвезди. Така почнало сè.

Моли во тоа време немала поим од покер и на првата партија отишла целосно неподготвена за сето она што ја дочекало таму. Но, кога ги видела славните фаци кои се појавиле на покерашката вечер, сфатила дека тоа е одлична прилика за неа.

„Одеднаш, пред мене беа најуспешните луѓе од разни области, кои можеа да ми отворат голем број врати“, објаснува таа во својата книга.

Толку била добра во организирањето на покер вечерите, што набрзо ги наговорила играчите да почнат да играат кај неа. Организирала луксузни партии во најскапи хотели во Лос Анџелес. Набавувала најдобра храна и најубави жени кои ги масирале играчите додека се картале. Некогаш партиите траеле и по три дена. Моли тогаш три дена без престан останувала будна.

Во 2009 година „бизнисот“ го преселила во Њујорк. Таму почнале и нејзините неволји. Имено, партиите кои ги организирала во Лос Анџелес биле легални, не земала процент од играта, туку заработувала од огромните бакшиши кои ги добивала од играчите на крајот од секоја покерашка вечер. Признала дека една година заработила вртоглави 4 милиони долари.

Но, во Њујорк играта станала поголема и Моли почнала на играчите да им дава сè поголеми заеми. Кога сумите станале сè поголеми, Моли сфатила дека нема да може да работи без „рекет“, па почнала да им зема процент од играта и тогаш нештата станале илегални. Освен тоа, во тој период таа почнала сè повеќе да се дрогира, мешала дрога со алкохол за да може што подолго да остане будна. После тоа знаела да земе таблети за спиење, за малку да се одмори.

Во 2011 година ФБИ дознава за нејзините покерашки вечери, па упаднале на една од тие елитни партии. Владата ги запленила сите нејзини пари. Била банкрот, а даночниците од неа дополнително барале и данок на сето она кое го заработила. Завршила и на одвикнување од дрога и алкохол.

После целосен крах, Моли одлучува да се врати во Колорадо, каде живее со својата мајка и решила да напише книга за да успее да ги врати долговите. Кога својата приказна им ја понудила на издавачите, тие понудиле голема сума на пари за авторските права, но под еден услов – мора да ги открие валканиците од животите на своите клиенти и да ги открие нивните имиња. Иако ги знаела нивните највалкани тајни, Моли не сакала никого да кодоши.

Барем не оние кои дотогаш не биле кодошени од никој друг. Се согласила да ги открие имињата само на неколкумина играчи кои веќе биле разоткриени во друг случај, поради исказот на еден од нејзините бивши играчи. За книгата добила 45.000 долари.

Меѓу нејзините клиенти биле Тоби Мегваер и Леонардо ДиКаприо, а наводно токму Мегваер е прикажан преку ликот на Играчот Икс од споменатиот филм. Тој во книгата е опишан како „најдобар играч и најголем скржавец во поглед на давање бакшиш“.

Во 2013 година, кога ја завршила скицата за книгата, Моли се вратила во Лос Анџелес, а само десет дена подоцна на нејзината врата затропале агентите од ФБИ со автоматско оружје. Ја уапсиле мафтајќи пред нејзиното лице со документ на кој пишувало „Државата против Моли Блум“. Нејзината мајка морала да ја заложи куќата за да ја извади од затвор.

„Животот ми беше целосен хаос. Имаше денови кога не можев да станам од кревет. Но, во исто време си мислев – приказната штотуку стана уште подобра. Сосредоточи се на Холивуд“, објснува таа. Во 2014 година ги добива првите добри вести после долго време. Судијата пресудил дека таа била „ситна риба во илегалните покерашки партии“ и ја осудува на една година условен затвор, 20 часа општествено корисна работа и 1.000 долари казна.

Еден месец подоцна излегува нејзината книга, а таа почнала да работи на тоа приказната да ја преточи во филм. Знаела дека сака на приказната да работи само еден режисер – Арон Соркин. Тој од прва не бил воодушевен од приказната, но кога ја запознал Моли, знаел дека мора да ја прифати понудата.

„Да речам дека таа на среќа успеа, би лажел. Дури кога ја запознав, нештата уште делуваа доста црно, но таа и понатаму беше полна со самодоверба. Нејзината внатрешна сила била изградена од интегритет, одбиваше да ги издаде ѕвездите со кои работела со години. Таа не беше лик од Волкот од Вол Стрит, таа беше вистинска филмска хероина, речиси божествен лик“, изјави Соркин за L.A. Times.

 

Тагови:

Facebook impact:

Објавено четврток, 11 јануари 2018 10:07:00
Напишано од емилија


Последни вести