Посестринство – Вековната криза на левицата

Крајот на минатиот век, сакале да признаеме или не, го наметна плурализмот како систем во државите во југоисточна Европа. Да, од денешен аспект, со неопходната временска дистанца, е јасно дека стануваше збор за наметнато или т.н. нужно решение за спас на елементарниот и општ  политички  поредок на европско тло, а не за некаква општествена еволуција кон попрогресивен општествен систем.Оваа исилена демократска придобивка (според пост комунистичката левица) беше препознаена како можност за спас и какво – такво одржување на личните, пред се финансиски привилегии и статус, па оттаму и не треба да  зачудува фактот за нивната експресна, а сепак  формална “трансформација”. Социјалистичкиот систем во бивша Југославија во основа беше економски долгорочно неконкурентен и неодржлив (изземајќи го периодот на кредитирањето) и се распадна, а националните тензии и последично крвавиот распад беа само рефлексија на таквите состојби.
Пост-комунистичката левица се најде пред нови предизвици, како внатре така и надвор од државата. И додека внатре во државата играјќи на картата на неинформираност краткорочно но успешно го заблуди народот со утопистичките приказни дека ќе се врати благосостојбата од пропаднатиот систем, надворешниот политички амбиент инсистираше на поголема политичка искреност и демонстрација на вистинските демократски заложби.
Во принцип маката на бившите комунисти, а сега веќе трансформирани пост-комунистички левичари беше во изнајдување на начин на кој  своите носталгични побуди би ги артикулирале и преточиле во соодветна  агенда прифатлива за и по мерка на европската левица.
Па така на пр. основниот проблем на македонските пост-комунисти при интеграцијата со семејството на европската левица е, и сеуште лежи во нецелосното ускладување на сопствените декларативни верувања, убедувања и принципи  со истите на европските традиционални левичари.
Декларативноста во овој случај е апсурдна и занемарлива со оглед на тоа што на практика владеењето на “реформираните” во блиското минато го покажа спротивното демантирајќи ја.
Имено, основното исходиште на традиционалната европска левица која во минатото заговараше поголеми социјални права за работникот за сметка на капиталот е во контрадикција со македонската реалност од причина што за македонскиот работник капиталот е кај пост-комунистичкиот лев тајкун. Дотолку повеќе што во Македонија во бившиот систем барем формално капиталот беше кај работникот. 
Уживајќи ги бенефитите од економската стабилност во Европа, а пред се како последица на конзервативните национални политики во минатото, не ретко претставниците на европската левица се нарекувани Црвени Боржуи, алудирајќи на хипокризијата во нивната идеологија. Колку и да е апсурдно, таквиот епитет е неспоив со  македонскиот лев пост-комунистички политичар.  Додека на еден Ховит таквото поименување и му прилега благодарение на стабилната економска состојба во неговата земја (а во главно како последица на владеењето на десната Тачер), сукцесивно етаблираните пред се непотистички а финансиско – политички врски, бескрупулозниот однос кон судбината на работникот/човекот, бивалентниот однос кон националниот идентитет и државноста го разликуваат од современиот македонски лев пост-комунистички политичар. Споредбата е безмалку иста во скоро сите пост-комунистички Европски држави. Тука лежи разликата помеѓу Црвената Буржоазија и Црвената Мафија, и тука, во синергијата на пост-комунистичките леви опции со традиционалната левица се можеби и причините за негативниот импакт врз севкупниот имиџ на европската левица во пошироки рамки. 
Инсистирањето на синергијата помеѓу пост-комунистичкиот лев исток и левиот запад е можеби и основната причина за пермутираната идеологија на традиционалната европска левица во последниве години. Имено ако во минатото нејзината  основна борба беше заложбата за повисоки социјални права на работникот, во последниве години таа инсистира на некакви недефинирани морално – културни либерални вредности, соочувајќи се со реалноста која потврдува дека изразеното кршење на социјалните права е токму од претставниците на нејзините сестрински партии од источна Европа.
Не помали се и проблемите при толкување на зацртаните стратегии, за политичко делување.
Така на пример кон стратегијата на европските левичари во делот на соработката (взаемно делување) со ”граѓанскиот” сектор, системскиот рецидив наречен пост-комунистичка левица во Македонија пристапил како кон директива и таквата не само што слепо ја почитува туку и ја компромитира до крајни граници. Членовите на левицата се истовремено и членови на невладините организации па и на раководни позиции таму и слично, па самото делување на цивилниот сектор ја губи својата основна сила – аполитичноста. Во суштина треба да се потенцира и дека ваквиот пристап на инволвираност во невладините институции не е нов ниту стран за пост-комунистичкита левица посебно во државите на бивша Југославија, а со оглед на фактот, дека во времето на распадот на заедничката држава една од последните насоки издадени за политичко делување во новонастанатиот амбиент од УДБА до сите рецидиви на комунистичката партија во државата гласеше, цитирам:
“Земете го судството и медиумите па ќе владееме и кога не сме на власт, се додека ”ова” не помине”.
Компатибилноста на ставовите и стратегиите е ограничувачка  и поради фактот што пост-комунистите сепак интимно произлегуваат од традиционални семејства, и тие повеќе се обидуваат формално отколку суштински да ја задоволат политичката платформа. Така беше и во случајот  кога во интерес на глобалната лева стратегија, нејзините приврзаници беа принудени да протестираат заедно со “Граѓанскиот Активизам” (ЛГБТ, ”Пленумците”, ”Цивилните” НВО-а итн) па на виделина излезе сета јаловост и контрадикторност, како резултат на манифестираната хипокризија.
Можеме само да претпоставуваме колкав ли е очајот над нефункционалноста на идеолошката им утопија, над згрешените им и непромислени стратегии кога видни партиски функционери од европската левица се спремни да дојдат и јавно да ги подржат експонентите на   политичкиот криминал во Македонија и концептот за нејзино уништување , да го подржат оној кој и самите нив ги заблудил дека е, и верува во нешто што не е.
Сведоци сме дека пристапот на европската левица кон мигрантската криза како политиката на отворени врати, кокетирањето со исламистите и нивните движења и.т.н., само ја засилува позицијата на реалната опасност од тероризам и во таа смисла нејзиното политичко делување и опстој се неизвесни. Примерот со последниот  изборен резултат во Полска е повеќе од индикативен. Надеж дека нешто концептуално би се променило во нивниот пристап до реалните глобални предизвици е безмалку илузија. Левичарските источни сестрински партии и стегите на меѓузависноста им со Сорос (финансиерот на бегалската криза и последично контрибутор во европската исламизација) се повеќе од непопустливи, па секакви промени на  тој план се незамисливи. Повеќе од јасно е дека во годините пред нас на повидок е апсолутната победа на десницата како на национално така и на европско ниво, победа која на граѓаните им нуди заштита на националните, духовните и во крајна сметка традиционални човечки вредности.
А за иднината на европската левица што да се каже?
Некои идни хроничари ќе го опишат времето кога постоеше и таква политичка опција чиј концепт на уништување ја самоуништи истата.
пишува м-р. Владимир Крстевски

Пронајдете не на следниве мрежи: