Јанакиески: Изјава заверена на нотар и за решавање на проблемите со земјиштето

img

Десетици илјади семејства во земјата ќе можат да си го решат проблемот со земјиштето на кое изградиле куќи, со поднесување изјава заверена на нотар со која ќе потврдат дека местото го користат подолго од 20 години.

Ова во четврток на прес конференција го соопшти министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, презентирајќи ги измените и дополнувањата во Законот за градежно земјиште.

„Најважна измена за граѓаните е тоа што се врши измена на постапката за пренос на правото на сопственост на градежно земјиште од поранешни сопственици, измена која е направена заради големиот број случаи кои со постојните законски решенија не можат да го завршат процесот за стекнување на сопственост на земјиштето на кое живеат и повеќе од 20 години“, рече Јанакиески.

Имено, со предложениот законски текст се менува и дополнува Законот  за градежно земјиште. со цел да се поедностави постапката за пренесувањето на правото на сопственост на градежното земјиште кое било купено од поранешни сопственици со договори за купопродажба кои не биле заверени во суд. Тоа се таканаречените меѓусебни договори кои не се заверени, голем број на граѓани ги поседуваат како единствен доказ дека во минатото го купиле земјиштето на кое сега имаат објекти и каде што живеат.

„Она што го предложивме како решение е: да се даде изјава заверена на нотар во која лицето кое го користи градежното земјиште, односно неговите законски наследници под морална, материјална и кривична одговорност ќе изјават дека земјиштето го користат повеќе од 20 години врз основа на договор за купопродажба склучен со поранешен сопственик.  Исто така, се предвидува барателот да достави и известување од  органот на државната управа надлежен за имотно-правните работи на подрачјето каде се наоѓа градежното земјиште, како и доказ дали за градежното земјиште има поведено постапка за приватизација и дали доколку е поведена истата е завршена. По барањето, надлежниот орган  ќе спроведе постапка и ќе донесе решение против кое може да се поведе управен спор“, појасни Јанакиески.

Понатаму се дополнуваат посебните и дополнителни услови за отуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македонија по пат на јавно наддавање, кои можат да бидат предвидени во објава за отуѓување на градежното земјиште. Со ова се овозможува правни лица кои се регистрирани во Република Македонија, а основани од странски правни лица да можат да ги исполнуваат посебните дополнителни услови кои можат да бидат предвидени со објавата за да учествуваат на јавните наддавања.

Во законот се додава нов член со кој се создава обврска за странското правно лице да мора да биде доминантен сопственик во правното лице регистрирано во Република Македонија од моментот на пријавување за учество на јавно наддавање, па се до моментот на исполнување на обврските од договорот за отуѓување, односно давање под долготраен закуп на градежно земјиште по пат на јавно наддавање.

Исто така, се овозможува на сопствениците на објекти или посебни делови од објекти за кои е донесено решение согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти врз основа на кое се запишани во јавната книга на недвижности да можат да извршат оформување на парцела, но само доколку, согласно урбанистичко планската документација со која објектот е вклопен, процентот на изграденост на градежната парцела на која е изграден објектот изнесува најмалку 70 %, а доколку не е исполнет овој услов барањето за отуѓување на градежното земјиште ќе се одбива како неосновано.

Како една од последните измени која е предложена е тоа што се врши допрецизирање на рокот за солемнизација на договорите, односно се предлага истата да се изврши во рок од 30 дена по добивање на мислење од државниот правобранител. Од причина што при спроведување на Законот за градежно земјиште, Министерството за транспорт и врски утврди дека поради незаинтересираност на странките, дел од договорите за отуѓување на градежно земјиште не се солемнизираат подолг временски период, иако навремено се однесени на нотар за вршење на солемнизација, предложено е да се изврши дополнување Законот за градежно земјиште, со ставање на дополнителна обврска договорите за отуѓување на градежно земјиште да се солемнизираат во рок од 30 дена од добивање на мислење од државниот правобранител.

Макфакс

Објавено четврток, 21 февруари 2013 12:48:00
Напишано од михаела




Македонија:Најчитани

Барај

Последни вести