Шпанската Влада го започна процесот на суспендирање на каталонската автономија

Шпанскиот премиер Маријано Рахој денеска најави дека Владата го отпочнува процесот на одземање на автономијата на регионот Каталонија. Според Рахој, процесот води кон отстранување на каталонскиот регионален премиер Карлес Пуџдемон од функцијата, и кон спроведување на избори за нова каталонска Влада.

img

– Одлуката е одговор на постапите на каталонската Влада, кои беа еднострани, спротивни на законот и со кои се бараше конфронтација. Се соочив со ситуација со каква не сум се соочил во сите мои години во политиката, но не можам да го изберам својот соговорник, изјави Рахој во денешната прес конференција, упатувајќи остри критики кон Пуџдемон, кого го обвини за политичката криза во односите меѓу Мадрид И Барселона. Според Рахој, овој потег на шпанската Влада ќе води кон нормализација на односите во земјата, и кон обединување на Шпанците и Каталонците. Неговиот говор беше поздравен на улиците на Мадрид со гласно свирење од автомобилите.

Рахој додаде дека шпанската Влада не сакала да го активира членот 155 од Уставот на Шпанија, кој предвидува одземање на автомонијата на регионалните власти, но дека Мадрид бил принуден на овој чекор.

– Каталонската Влада никогаш не понуди вистински дијалог. Тие единствено сакаа да го наметнат својот сецесионистички процес, со кој се нарушува Уставот на Шпанија. Ниту една демократска држава не може да прифати законот да биде кршен, игнориран и менуван, додаде Рахој.

Каталонија одржа референдум за независност на 1 октомври, кој шпанската полиција се обиде да го спречи со употреба на сила. Повеќе од 40 проценти од граѓаните сепак гласаа за независност и каталонскиите власти најавија прогласување на независност, оставајќи простор за дијалог со Шпанија.

Шпанија бара одржување на нови регионални избори во Каталонија, на кои би се покажало дали сепаратистичките партии имаат мнозинство во регионалниот Парламент или не.

Тагови:

Facebook impact:

Објавено сабота, 21 октомври 2017 05:44:00
Напишано од Виолета